Власта официјално е против избори, неофицијално се е во игра, но ќе зависи од уставните измени
Нема избори дури и без уставни измени. Пратеничката група на СДСМ убедена дека до крај ќе го истера својот мандат што завршува во 2024. Уставните измени мора да се случат, велат од таму и бараат опозициската ВМРО-ДПМНЕ што поскоро да одлучи каде ќе се позиционира откако Иницијативата за уставни измени е се’ поблиску до парламентот.
За разлика од официјалниот став на СДСМ, во јавноста се шпекулира дека власта сепак има план Б кој вклучува и избори доколку уставните измени не се случат. Познавачите велат дека тест за тоа дали ќе се оди на овој план ќе биде првото гласање за уставни измени. Доколку нема поддршка од 80 пратеници ќе се оди на избори. Не е исклучено на таквите избори сегашната владина коалиција да оди во еден единствен т.н. европски блок со цел директно да обезбеди 2/3 мнозинство, а преговорите со ЕУ да се отворат некаде во јануари.
Од опозицијата денеска резервирани за коментар. Велат да се почека најавената лидерска средба за да се види што Ковачевски ќе стави на маса како дневен ред. Позициите со кои би одел лидерот Мицкоски на оваа средба се јасни: нема уставни измени под диктат и да се оди на избори, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, Иницијативата за уставни измени, откако работната група лоцираше кои измени треба да се направат на највисокиот акт, заглавува во министерството за правда. Од Влада чекаат Лога да им достави конкретен предлог за уставни измени, за потоа да почне и собраниската процедура.
Не е исклучено верзијата на експертите да претрпи промени зависно од нови преговори од владината коалиција, но и од лидерската средба за која се уште не се знае кога точно ќе се одржи.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар