Власта и опозицијата со непроменети ставови за уставните измени
- Власта и опозицијата и натаму се со непроменети ставови во врска со уставните измени кои произлегуваат како обврска за државата од преговарачката рамка со ЕУ со цел продолжување на евроинтеграциите.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека уставните измени ќе бидат поднесени во Собранието во текот на наредните две недели и ќе отпочне процес на дискусија согласно со процедурата за истите, во Собранието, таму каде што, вели, е и местото.
Прашан дополнително дали тоа значи дека имал средба и постигната е согласност да се гласаат уставните измени со првиот опозиционер, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и дали доколку не се изгласаат наесен ќе има предвремени избори, шефот на Владата го повтори ставот дека нема да има предвремени избори и дека уставните измени не се поврзани со мандатот на Владата.
-Во земјава наесен нема да имаме избори. Изборите ќе бидат идната година - претседателски, па парламентарни. Процесот на уставни измени не е поврзан со мандат на Влада, туку со европската интеграција на државата и обврска на секоја политичка партија е да ги поддржи европските интеграции. Кога ќе бидат разгледани амандманите на Уставот од страна на Владата, тие ќе бидат соопштени и јавно објавени и тогаш сите наши граѓани ќе може да се уверат дека се работи за технички амандмани, со кои што нешто што веќе е факт во Уставот, според кажувањето на најголемите правни експерти во државата, ќе биде дополнително внесено во Уставот во делот на „делови од други народи кои живеат во државата“. И затоа сметам дека обврска на секој пратеник, на секоја политичка партија во Собранието е овој процес да го поддржи и да обезбедиме продолжување на европската интеграција со отворање на поглавјата, со отворање на кластерите и завршување на преговорите до 2030 година и зачленување на државата во ЕУ, потенцира премиерот Ковачевски во изјавата по доделувањето на социјални станови на 27 семејства во Свети Николе.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, пак повтори дека уставни измени под диктат нема да има. Тој вчера при посетата на Општина Карбинци, на новинарско прашање за завчерашната изјава на Бујар Османи во врска со уставните измени, уште еднаш потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ диктати не прифаќа, како што е овој бугарскиот диктат и уставни измени нема да има.
-Смисолот за хумор на Бујар Османи не му бил добра карактерна особина и често пати неговите метафори преку лошиот смисол за хумор не се добро разбрани ниту од мене, ниту пак од јавноста, бидејќи не знаеме што сака со тоа да каже. Нека се охрабри да одиме на предвремени парламентарни избори, да го слушнеме народот што има да каже за политиките на оваа влада и тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе го понуди, па потоа можеме да размислуваме за многу други работи. На крај важно е тој мирно да спие, и час поскоро се разбуди од својот сон, но не како министер за надворешни работи, туку на некое друго место после се ова што и го направи на Македонија и на македонскиот народ, јас му посакувам мирен сон, нагласи Мицкоски.
Директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски вчера порача дека не треба да бидеме заложници на политичките процеси во државата и дека се надева дека уставните измени успешно ќе се реализираат.
-Земјава во очите посебно на странските големи инвеститори, е стабилна и безбедна држава, што е многу важно. Имајќи го предвид тоа, да се обидеме заеднички тој впечаток да го зајакнеме, порача Деспотовски.
Предвидените активности на ТИРЗ, вклучувајќи ја и претстојната кампања, истакна Деспотовски на брифинг со новинарите, секако ќе течат.
-Ќе повторам, не треба да бидеме заложници на политичките процеси. Ова го зборувам и како граѓанин и како институција. Не функционираме во изолирана средина во која Дирекцијата тера некоја своја приказна, а и инвеститорите не гледаат како целина. Се надевам дека уставните измени успешно ќе завршат, потенцира Деспотовски.
За промена на Уставот потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, односно поддршка од 80 пратеници во 120-члениот законодавен дом. Согласно роковите за процедурата за измени на Уставот, се смета дека од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени во Собранието до нивното усвојување потребни се најмалку четири и пол месеци.
Ново на Сител
-
Укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патот Кичево - Гостивар, преку Стража
-
Спасовски: Обраќањето на Сиљановска Давкова не понуди визија за иднината на државата
-
Застанала и излегла од возилото кое го управувала, тоа се придвижило и ја прегазило
-
Приведени двајца малолетници од Сарај, кај нив пронајдени два ножа и боксирач
-
Иницијатива GoDigital: Зајакнување на 15 македонски компании на нивниот пат за дигитална трансформација
-
Сиљановска Давкова: Време е за храбар ЕУ исчекор, по примерот на оној од 2004 година, што ќе означи реунификација на регионот во ЕУ
-
Излета возило од патот во Кичево – три лица повредени
-
12 полицајци од Арачиново и Гази Баба со измислени прекувремени земале бонус плати