Власта бара практична поддршка за евроинтеграциите, според опозицијата Владата нема мнозинство за уставни измени
До ноември има простор да се донесат уставните измени неопходни за продолжување на преговорите со Европската Унија. Нема простор за декларативна поддршка за ЕУ, туку секој треба да преземе одговорност за остварување на стратешката цел, сметаат од власта. Опозицијата, пак, со став дека власта нема мнозинство за уставни измени за кои, велат, овој Парламент нема мандат, а се сомнева и оти ќе се задржи мнозинството за поддршка на оваа Влада.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека има доволно време за спроведување на уставните измени, процес за кој, според законската рамка потребни се околу шест месеци и кој е услов за отворање на кластерите со ЕУ, по билатералниот скрининг што треба да заврши во ноември.
-Јас не сметам дека шест месеци е кус период, до ноември има 10 месеци, и воопшто не сметам дека е тоа кус период за 10 месеци може да се направат многу позитивни работи. Секако секој треба да биде одговорен да биде на ниво на задачата и на обврската кон граѓаните и кон државата. Јас не сум човек кој дошол на позиција за да некого убедува или разубедува, туку за да спроведува стратегијата и целите кои што државата ги поставила пред 31 година. Јас како политичар и како човек и мојата политичка партија се водиме од стратегиите и целите на државата за полноправно членство во ЕУ, исто така како што се водевме од целта Северна Македонија да стане членка на НАТО и станавме, рече премиерот вчера по настанот, во Дирекцијата на ТИРЗ.
Ковачевски нагласи дека истите политички сили неодамна не го поддржале членството во НАТО, како што сега не го поддржуваат членство во ЕУ, но изрази уверување дека во земјава постојат доволно политички сили, кои се европски ориентирани и кои сакаат да им овозможат на граѓаните, а особено на младите европската просперитетна и побогата иднина во нивната родна држава.
Тој посочи дека процесот на уставни измени има рамка пропишана со закон и со Уставот на државата и е процес кој бара експертска и политичка вклученост, заради што се водат разговори на политичко ниво, за постигнување поширок општествен и политички консензус.
-Во таа насока беше и лидерската средба која што ја бев свикал кон крајот на минатата година со цел да може да ги видиме позициите на сите политички партии. Овие уставни измени и се потребни на државата за да може да го продолжи својот европски пат до полноправно зачленување во ЕУ. Така што не постои простор за декларативна поддршка на ЕУ, како што некој мисли дека треба да ја има, туку сега треба да имаме и навистина политичка поддршка на пристапувањето во ЕУ, бидејќи кочење на таков процес значи дека прв пат државата сама себеси ќе се кочи, посочи Ковачевски.
Во однос на можноста за нова лидерска, во моментов, премиерот рече не е планирана, но не ја исклучува таквата можност на која што повторно би разговарале и за најзначајните прашања, како што е справувањето со енергетско-економската криза.
-На последната лидерска средба не разговаравме само за уставните измени, бидејќи во државата има голем број на предизвици, а тоа е пред се енергетската и економската криза и јас таму во детали ги информирав лидерите на сите парламентарни партии, освен оние двајца кои не присуствуваа на таа средба за тоа што прави државата и кои се плановите во однос на енергетската криза, рече Ковачевски.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, очекува ова да биде година на промени и повторно повика на предвремени парламентарни избори. Не верува дека Владата ќе собере мнозинство за уставни измени за кои, рече, ставот на неговата партија е непроменет.
-Ставот е дека овој Парламент нема мандат да менува Устав бидејќи ниту опозицијата учествувала во креирање на тој договор, ниту опозицијата се согласила со тој договор, ниту, пак, излегла пред граѓаните да ветува дека ќе има уставни измени. Така што треба час поскоро да се случат предвремени парламентарни избори, да излеземе сите со решение на проблемот што го донесе Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ, па граѓаните се тие што ќе одлучат кому да ја дадат довербата и ќе дадат насока каде ќе треба да се движи Македонија, изјави Мицкоски вчера во Вевчани.
Тој истакна дека не верува оти Владата ќе го задржи мнозинството за нејзина поддршка, а смета и дека нема мнозинство за уставните измени.
На новинарско прашање Мицкоски ја коментираше и изјавата на Ковачевски дека комплимент е тоа што ВМРО-ДПМНЕ бара избори во мај, зашто тоа, според премиерот, е признание дека Владата ефикасно се справува со енергетската криза која завршува на 30 април.
– Има само еден начин тоа да се покаже – на избори. Ако продолжи вака, да дезертира и да се крие, за жал не ќе може да го добие сега и веднаш тој одговор на тоа дали успешно се справува, ќе треба да почекаме неколку месеци за овие пратеници коишто доаѓаат од пратеничката група на СДСМ и ДУИ да поддржат распуштање на Парламентот и промена на Владата, рече Мицкоски.
На тркалезна маса на тема „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“ завчера во Скопје беше заклучено дека е можно до 2030 година земјава да стане членка на ЕУ, но потребен е реален национален консензус од сите политички чинители во општеството и тоа не под условите кои ние сме ги замислиле, туку под условите кои реално се на масата.
Според претседателот Стево Пендаровски, ние имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме искуство, имаме одамна поставено систем за преговори и сме најдобро подготвен кандидат во историјата на ЕУ, но во моментов за жал немаме национален консензус да продолжиме кон ЕУ.
Од аспект на она што го слуша од опозициските партии, шефот на државата вели дека партиите нема да го сменат ставот, надевајќи се дека ќе победат на следни избори.
И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ е на ставот дека вистинскиот национален консензус за ЕУ за жал кај нас се уште не е постигнат од сите политички актери, затоа што до сега во најголем дел бил само декларативен.
Според Маричиќ, 2030 година е достижна под два услова – да се изведат реформскиот процес и процесот на преговори, тоа е задача на сите политички чинители во државата и на сите делови во општеството, а вториот услов е да имаме временски план за членство од страна на ЕУ.
Иако членството во ЕУ зависи најмногу од нас, беше посочено, не помалку значајно е и прашањето дали ЕУ ќе биде фокусирана на регионот по војната во Украина. Евроамбасадорот Дејвид Гир испрати порака дека само од нашата држава зависи дали ќе станеме членка на ЕУ до 2030 година. Задачата како што рече, е значајна, а обемот на реформи се големи.
– Ќе има подеми и падови и овде и во Брисел. Сметам дека долгорочниот пат, трасата е утврдена од ЕУ и ветувањето е реално. Зависи од оценувањето на взаемните потреби и интереси, посочи Гир.
Ново на Сител
-
Почина еден од најуспешните винопроизводител во светот, Жозеп Ферер Сала
-
Нова промена на цената на горивата од полноќ
-
Зголемен бројот на туристи и на ноќевање
-
Белорусија стана партнер на БРИКС
-
Тешка сообраќајка во Пробиштип - Судир помеѓу трактор и „матиз“
-
Влегол во Македонија преку див премин - Приведен грк на ГП Богородица
-
Пронајдени боксирач и два ножеви, приведени две лица меѓу нив и малолетник
-
Три рибарски мрежи и 56 парчиња Охридска белвица пронајдени во полициска акција во Струга