Бизнис
24. December 2019 - 16:37

Владините инвертори за справување со аерозагадувањето ќе стасаат кон крајот на грејната сезона

Зимата е во полн ек а инверторите ќе стигнат кон крајот на сезоната. Иако владата вети пред повеќе од два месеци мерката за субвенции се уште доцни.  Утре ќе почне распределбата на парите а во јануари премиерот тврди дека граѓаните ќе ги добијат ваучерите за набавка на инвертори.

 „Пред неколку дена во Собрание помина репрограмот кој даде согласност, а денеска ќе се донесе одлука на Влада. До средината на јануари ќе почне масовна кампања за да ги информираме граѓаните. Постапката од утре почнува за апликација за инверторите. Кампањата ќе биде дополнителна информативна алатка. Ќе побараме од националниот сервис да ни даде бесплатен простор. Постапката е сложена. Тоа се 10 милиони евра што треба да се одвојат. Верувам дека во јануари ваучерите ќе бидат во рацете на корисниците. Добро би било да почнала порано. Но, финансиските параметри не дадоа можност од август или септември да се определат средства“, рече премиерот Заев.

Министерот за здравство  ќе бара намалување на прагот за алармирање од аерозагадувањето, кој сега е утврден на 175 милиграми на м3 средневна концентрација во текот на два последователни дена. Филипче тврди дека има добра соработка меѓу институциите а истиот став го дели и заменикот за животна средина. Макрадули не се согласува со заклучокот на екологистите кои на вчерашната седница за национална безбедност кај претседателот Пендаровски, истакнаа дека е потребна итна реакција и координација меѓу надлежните.

Еко активистите најавија дека ќе продолжат со масовните протести, на кои минатиот петок се приклучија и средношколците. И покрај силниот ветер вчеравечер загадување беше регистрирано во Скопје, Кичево и неколку други градови.