Бизнис
18. November 2022 - 16:36

Владата уверува дека увозната струја е поевтина, Мицкоски обвинува дека се трошат пари на скапа струја

Македонија повторно купува струја. За три недели ова е трета и досега највисока набавка од над 30 илјади мегават часови. Тие ќе се користат во период од 21-ви до 27-ми ноември. Списоците со фирми-понудувачи се уште не се достапни. Претходно за увозна струја за десетина дена ЕСМ плати околу 9 милиони евра, а приближно толку пари ќе чини и оваа набавка.

И додека наголемо се купува, домашното производство на струја опаѓа. Од утрово не е функција ниту блок 1 од РЕК Битола.

„Се работи за планско исклучување заради санација на кондензаторот и на дел од цевководниот систем во постројката. Преземени се сите чекори со цел интервенцијата да биде кратка и ефикасна и в понеделник блокот повторно да биде на мрежа“, велат од ЕСМ.

Дотогаш ќе работат останатите капацитети кои се преполовени. Не работи ниту третиот блок на РЕК Битола, а во ремонт се и термоелектраните Неготино и Осломеј. Дупката ќе се покрива со веќе купената струја до недела.

Од Владата и натаму стојат на ставот дека подобро е да купиме, отколку да произведиме струја во ТЕЦ Неготино. Иако, произведената струја таму чини 240, а берзанската е околу 300 евра за мегават час.

„Привремен увоз се прави затоа што во домаќинско управување со енергетската криза мора да следите што се случува на пазарот. Ако на пазарот имате електрична енергија каде што берзанската цена е пониска од производствената, сулудо е вие да произведувате со повисока цена.“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Мицкоски пак обвинува дека дека владата набавува екстремно сакапа струја, иако имаше поинакви ветувања. За Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ состојбата со хидроелектраните е загрижувачка. Нивното ниво, според него, е 18%.

Комплетно е потрошена водата, работиме со еден блок во Битола и нешто ситно во енергетика за затоплување на источниот дел на Скопје кој што се затоплува преку ЕСМ, во делот на Автокоманда, Маџари, Железара. Среќа во целата несреќа е што времето се уште не е до толку студено. Замислете да паднат температурите под 5 степени, што ќе правиме тогаш? – прашува Мицкоски.

Инаку, планот на државата е од први декемри да бидат ставени во функција сите капацитети за производство на струја, а како ќе продолжиме по нова година, засега надлежните не знаат.