Македонија
31. March 2020 - 19:46

Владата усвои пакет мерки за помош на стопанството, опозицијата смета дека само се создава привид

Со 17 економски мерки во вредност од 200 милиони евра Владата најави дека ќе го помогне стопанството.

Компаниите ќе може да бараат поддршка од државата во висина до минималната плата, односно 14.500 денари по работник за месеците април и мај.

За правните лица банките ќе ги репрограмираат кредитите, а за физичките отплатата ќе се одложи за три до шест месеци. Дополнително, комерцијалните банки ќе добијат 50 милиони евра без камати, кои потоа ќе можат да ги нудат на малите и средните компании со каматна стапка до 1,5 отсто.

Буџетарите, пак, во следните два месеци ќе добијат целосна плата. Но, на минималец ќе бидат сите избрани функционери на државно и локално ниво.

Претседателите на членовите на Извршните и Надзорните одбори во јавните претпријатија, кои веќе работат на друго место нема да добиваат надоместоци се додека Владата не одлучи поинаку.

И оние кои хонорарно работат за државните институции, а веќе се вработени ќе добиваат преполовени примања.

Но, државата ќе им исплати минимална плата на спортистите и самостојните уметници. А ќе се помагаат и оние кои поради кризата ќе останат без работа.

Се суспендира и Законот за извршување до крајот на јуни. Ова нема да важи за алиментација за дете кон самохрани родители.