Бизнис
28. May 2019 - 20:18

Владата оптимист дека економијата ќе ја надмине проекцијата за растот

Економските движења годинава ќе бидат многу подобри од минатата, сметаат надлежните. Власта е оптимист дека ќе се надмине првичната владина проекција. Велат дека индикаторите од првиот квартал се добри, што е одличен знак за активноста во следниот период.

- Расположливите краткорочни индикатори, како на пример податоците за индустриското производство, податоците во трговијата и монетарните податоци генерално упатуваат на понатамошно продолжување на економската активност во првиот квартал, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска.

Власта очекува добра реализација на капиталните инвестиции, која во првите четири месеци изнесува само 9,83 отсто. Надлежните посочуваат дека реализизацијата секогаш забрзува во втората половина од годината. Министерот Сугарески очекува дека во неговиот ресор сите предвидени инвестиции ќе бидат завршени. Најголемо остварување од ова Министерсво има во делот на Гасификацијата, односно, заклучно со април реализирани се нешто над 26 отсто.

- Искористувањето во делот на гасификацијата, очекувам до октомври да биде 100 отсто. Дополнително во делот на бројките кои не влегуваат во буџетските капитални, тоа е Јавното претпријатие за Државни патишта кое има 120 отсто потрошени средства во моментов, споредено со истиот период лани, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

До крајот на неделава треба во употреба да се пушти автопатот Миладиновци – Штип. Неговото отворање неколку пати досега беше одложувано, а според првичната проекција, тој требаше да биде готов уште пред две години.