Македонија
7. October 2021 - 16:47

Владата не губи надеж за преговори по вчерашните остри пораки од Радев за дебугаризација и барањето Бугарите да станат дел од Уставот

Само получекор ја дели Македонија од целта, стартот на преговорите со ЕУ да почне во декември, порача премиерот Заев еден ден по средбата со Меркел, Макрон и Радев на самитот на Унијата посветен на Западен Балкан. Тој вели дека во Словенија се уверил во искрената намера и посветеноста кај европските лидери да помогнат во деблокирање на македонските интреграции.

- Макрон и Меркел се пријатели кои сакаат да ни помогнат, вели Заев на прес-конференција.

За разлика од ваквиот оптимизам на премиерот, канцеларката Меркел по средбите во Словенија не очекува брз договор меѓу Бугарија и Македонија, за да се крене рампата за македонските евроинтеграции.

- Се надевам дека проблемите ќе бидат надминати. Како што знаете, во Бугарија тоа сега не е возможно бидејќи наскоро ќе се одржат парламентарни и претседателски избори, така што во овој контекст сега е невозможно да донесете брзи одлуки, рече Меркел.

Престедателот Радев на вчерашните состаноци изнесе низа барања до македонската страна меѓу кои за првпат јавно да се отвори македонскиот Устав за да се вметне бугарското малцинство. Министерот за надворешни работи, Османи на тоа не гледа како на мешање во внатрешните работи на Македонија, туку напротив вели дека ова е позитивно поместување од првичните бугарски позиции за еден народ во две држави, а Македонците од Бугарија ги упати своите права на слободно здружување да си ги бараат по европските судови.

Според Османи, се надева дека до ноември ќе биде усогласен патоказот 5 плус 1 кој Бугарија го бара од Македонија. Овој патоказ го вклучува прашањето на краткото име, говорот на омраза, рехабилитацијата на жртвите на комунизмот,  работата на историската комисија, како и прашањето на немешање во внатрешните работи на Република Бугарија на што се надоврзува и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот.