Македонија
7. October 2021 - 10:00

Владата на Македонија на прво, а Собранието на трето место во регионот според Индексот на отвореност

Владата на Македонија е прворангирана во регионот според Индексот на отвореност на собранијата и централните власти и исполнува 83,43 проценти од поставените критериуми за отвореност,  а од парламентите Собранието е на трето место со исполнетост од 68,15  проценти од поставените критериуми.

Истражувањето со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество и Националната фондација за демократија, го спроведе Фондацијата Метаморфозис во соработка со партнерите од регионалната мрежа на Граѓанската организација Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE). Проценката се однесува на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на четири држави од Западен Балкан – Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Оваа година, во мониторирањето на парламентите, беа вклучени и Хрватска и Словенија и можеше да се согледа отвореноста на парламентите во екс-југословенските држави.

Како што соопшти Фондацијата Метаморфозис, проценката е резултат на сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот. Регионалната перспектива служи како референца за тоа како напредуваат државите во регионот кон подобрување на доброто владеење и владеењето на правото што ги води кон нивната стратегиска цел – членство во ЕУ.

-Според истражувањето, најотворена е Владата на Македонија, која исполнува 83,43 проценти од поставените критериуми за отвореност, по која следи Советот на министри на БиХ со 74,9 проценти. На трето место е Владата на Црна Гора со 59,46 проценти, потоа Советот на ФБиХ со 58,42 проценти. Владата на Република Србија исполнува 47,67 проценти од критериумите, а Владата на автономната покраина Војводина 50,18 проценти. На последно место е Владата на Република Српска со 38,53 проценти исполнување на критериумите за отвореност. Како прва земја во регионот што објави и имплементира Стратегија за транспарентност, Македонија даде пример како институцијата треба систематски да пристапува и да ги насочува своите напори кон проактивна транспарентност и отвореност кон своите граѓани. Најдобри резултати постигнуваат министерствата во Македонија со 62 проценти, потоа министерствата на Црна Гора со 57,9 проценти, министерствата во Србија со 48,7 проценти и министерствата во Босна и Херцеговина кои исполнуваат 30,6 проценти од критериумите за отвореност, стои во проценката.

Собранието на Република Македонија, се наведува, исполнува 68,15 проценти од индикаторите за отвореност и е рангиранo на трето место во регионот (на прво место останува Собранието на Црна Гора со 77,89 проценти, по кое следи Собранието на Словенија со 72,31 процент исполнетост на индикаторите за отвореност). Како тело кое е директно избрано од граѓаните и одговара пред граѓаните, Собранието, се посочува, треба да вложи поголеми напори за обезбедување целосна транспарентност, односно отвореност.

Трудот е збогатен со практични препораки за тоа како извршната власт и Собранието во Македонија можат да го подобрат нивното почитување на принципите на добро владеење во иднина. Препораките ќе бидат соопштени до високите државни службеници во сите набљудувани институции преку состаноци, како и до пошироката јавност преку социјалните медиуми и одржување јавни настани. Истражувањето се повторува на годишно ниво и овозможува да се спореди степенот до кој ќе се постапува според овие препораки.

Оваа проценка е достапна на македонски, албански и англиски јазик на веб-страницата на Метаморфозис. Истражување се спроведува како дел од активностите на Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.