Свет
31. August 2016 - 17:08

Владата на Ирска ја разгледува можноста за жалба на одлуката на Европската комисија

Владата на Ирска одржува денеска вонредна седница на која ја испитува можноста за поднесување жалба на одлуката на Европската комисија против казната за американската компанија „Епл“.

Европската комисија ја казни „Епл“ која работи на ирска територија да плати 13 милијарди евра неплатени даноци на Ирска.

Со одлуката на Комисијата во Брисел, која долго време го испитувала случајот, излегува дека американаката компанија имала привилегувана положба кај ирските даночни власти, плаќајки значително помал данок од другите компании.

Сметките покажуваат дека „Епл“ плаќала само 50 евра на еден милион профит.

Казната од Европската комисија претствува најголема даночна сметка во светот што досега и е испорачано на една компанија.

Американците најавија дека ќе се жалат до Европскиот суд и очекуваат целиот процес да потрае неколку години.

Владата во Даблин се уште нема донесено категоричен став околу жалбата.

Ирска не е казнета,ниту решението од Брисел ќе му наштети на нивото на корпорацискиот данок, што во оваа земја е најнизок во ЕУ и изнесува 12,5 отсто и далеку под европскиот просек.

Ирскиот министер за финансии Мајкл Нунан сепак вели дека треба да се поднесе жалба, затоа што ирската влада не се согласува со вакваото решение на Брисел. Нунан вели дека нема посебни повластици за „Епл„ ниту се правени посебни договори со било кои даночни обврзници, а конечно, нема казна за Република Ирска.

Експерти во Даблин тврдат дека дилемите на владата се затоа што иако државата не е казнета, нарушен е нејзиниот углед околу даноците.

САД од порано ја обвинуваат Ирска дека се претворила во земјите „даночни рајски места„ како што се Кајманските острови, во Карибите.

Казната е сепак, голема и таа претставува 27 отсто од профитот на „Епл„ во 2015 година. 

Таа е блиску до износот што беше користен  за санација на Ирска по финанската криза во 2008 година и заканата од банкротство на земјата.

Износот од 13 милијарди е еднаков на една четвртина од износот потребен на ирската влада, или колку сите пари за годишно  покривање на ирскиот здравствен систем.

Медиумите во Даблин пишуваат дека партиите Фине Геил, Фина Фоил и лабуристите се за поднесување жалба, но Шин Феин и другите леви партии сметаат дека Ирска треба да ги земе парите и да ги употреби за унапредување на ирското општество.

Шин Феин бара и истрага за тоа дали владата му обезбедила нефер третман на „Епл„ и команијата била навистина повластена околу плаќањето данок.