Македонија
18. September 2024 - 16:33

Влада: Договорот на Државната лотарија и Хеј ДООЕЛ не е само штетен, туку и за кривично гонење

Основ за кривично гонење гледа премиерот Мицкоски во Договорот меѓу Државна лотарија и и Хеј ДООЕЛ – фирма на Асмир Јахоски, син на пратеникот Јахоски од ДУИ склучен во 2023 година од претходната власт. Владата синоќа го раскина овој договор како штетен, но премиерот вели дека во него не е спорна само невобичаено високата кирија што ја плаќала Лотарија за свадбарски објект во скопско Визбегово. 

Во јавното обвинителство потврдуваат дека кај нив се отворени повеќе предмети што се однесуваат на Државна лотарија.

„Во сите се преземаат дејствија во предистражна постапка“, велат од обвинителството.

Неофицијално се работи за 4 предмети за различни дела и со различен опфат. Некои се однесуваат на лиценци за работа, а по некои се постапува по инцијатива на финансиската полиција. Сепак, од таму не можат да потврдат дали и Договорот со Хеј  на Јахоски е дел од предистрагите.

Фирмата Хеј била отворена во феруари 2023 година од страна на Армин Машовиќ. Тој по само неколку месеци успеал да купи поранешен ресторан за свадби во Визбегово, а потоа склучил и договор со Државна лотарија за закуп на овој простор од 4 ката и поткровје. Договорот е во вредност од над 2,6 милиони евра за 10 години или месечна кирија од околу 22 илјади евра. Потоа Машовиќ, лани во октомври ја продава фирмата на синот на Јахоски, кој е и сопственик на Пуцко петрол, а самиот тој останува управител во Хеј. 

Во периодот кога се склучувал договорот за закуп, директор на Државната лотарија бил Перпарим Бајрами, за кого тогашната опозиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, тврдеше дека е близок соработник на поранешниот вицепремиер Артан Груби.