Вкупниот број на неевидентирани лица изнесува 659
Вкупниот број на неевидентирани лица кои што се внесени во евиденција согласно Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, според податоците добиени од Управата за водење на матични книги изнесува 659 лица. Од нив се доставени 211 Барања за упис во посебната матична книга, што значи, ако го споредиме со вкупниот број на неевидентирани лица, кој изнесува 659, неспорно е заклучокот дека 448, околу 70 проценти од лицата, сè уште немаат поднесено Барање за упис во матичната книга на родени, покажува Посебниот извештај за состојбата со неевидентираните деца во матичните книги на родени по примената на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени.
Заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, на денешната прес-конференција го презентираше извештајот кој се заснова на истражување во периодот од 2018 година, од годината кога беше распишан јавниот повик за евидентирање на лица чии што раѓање не е евидентирано во Матичната книга на родени, заклучно со април 2021 година.
– Во однос на бројот на неевидентирани деца, нешто што нас, како одел за заштита на правата на децата посебно нè интересира, деца кои што се родени, по завршување на јавниот повик а не исполнуваат услови за запишување во матичната книга на родените согласно закон, имајќи во предвид дека законот, и оваа категорија лица ја има земено предвид, за жал, добивме информација дека Управата не располага со информација за деца чие што раѓање е после јавниот повик а за кој важи Законот за неевидентирани лица, истакна Мустафа.
Таа дополни дека Управата, по нивно барање, изјавила дека не располага ниту со информации за место на живеење на лицата како и тоа колку од нив се пријавени во центрите за социјална работа согласно местото на живеење, а, како што кажа, видно од одговорот, управата нема ниту податок за бројот на постапки кои што се во тек за дополнителен упис во матичната книга на родените заклучно со април 2021 година.
Мустафа истакна дека проблемот со неевидентираните лица не е нов и не е прв за кој што информира народниот правобранител, вклучително и за проблемот со неевидентирани деца во матичната книга на родени и дополни дека во нивните посебни извештаи, скоро во секој годишен извештај алармираат за недозволивоста дете да остане надвор од матична евиденција на родени.
– Од вкупниот број, 184 лица, кои што поднеле Барање за упис во 2020 година, за 44 лица, што претставува околу 24 проценти, управата донела решение за издавање извод од посебната матична книга и за истата се издадени изводи од посебната матична книга. Анализата на добиените податоци по возраст, упатува на заклучок дека најголемиот број од лицата, 397, што претставува 60 проценти од вкупниот број неевидентирани лица се деца под 18 годишна возраст. Од лицата кои го пополниле прашалникот и притоа се изјасниле за својата етничка припадност, најголем број, според податоците на Управата се роми – 428, албанци – 88, турци -20, бошњаци – 3, срби – 2 и едно лице од влашката етничка заедница, образложи Мустафа.
Таа го потенцираше недостатокот на денови определени како приемни за неевидентираните лица да поднесат барање како и недостатокот на стручен кадар определен за тоа и апелираше дека е неопходно истите да се подобрат.
Генералните препораки кои што народниот правобранител ги наведува се тоа да се разгледа можноста рокот за поднесување на барања за упис да се продолжи за една година, да се прошири опсегот на идентификационата исправа, како и да се уреди прашањето за упис во посебната матична книга на умрените за лицата кои починале а за кои е во тек постапка за упис и кои што уште не се евидентирани.
– Според народниот правобранител, државата, преку институциите, целосно треба да ја преземе одговорноста за идентификација, регистрација и вклучувањето на правно невидливите лица во системот, односно, повеќегодишниот проблем со неевидентираните лица и деца да го реши на системски начин, трајно, со почитување на меѓународните конвенции и домашната регулатива, заклучи Мустафа.
За целите на истражувањето биле подготвени прашалници кои што ги доставивле до надлежната Управа за водење на матични книги, како и до дел од граѓанските организации за кои што имале сознание дека повеќе години работат на проблематиката со неевидентираните лица а направена е и анализа на правната регулатива, како меѓународна така и домашна со посебен акцент на тоа што уредува Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени.
Ново на Сител
-
ЕСМ набави струја за 2 недели - ќе плати 10,2 милиони евра
-
Утре почнува амандманската расправа за буџетот
-
Новиот ескпресен пат Крива Паланка - Страцин ќе биде готов до Нова година
-
Наместо да подготвуваат испити, во Пелагонија студентите подготвуваат тенџериња со топла вода
-
Поради недостиг на нафта немаше автобуси викендов, но и денеска на постојките се чека по еден час
-
Станковиќ: Новиот буџет ќе го развие земјоделството
-
Меѓународен ден на студентите
-
Се намалува старосната граница на дијабетичари