Македонија
9. April 2021 - 16:43

Вирулентноста се намалува но болниците се уште се полнат

Дали пикот од третиот бран помина или ќе бидат активирани и дополнителните капацитети за хоспитализација? Овие денови има благо намалување на бројот на нови приеми, но болниците се уште се полни со пациенти. На лекување има 1699 лица од кои една третина се во скопските ковид центри. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. На Гинекологија со Ковид-19 во моментот има една трудница и осум родилки од кои една предвремено е породена поради венска тромбоза како компликација од вирусот.

-Две ги водиме како со средно тешка клиничка слика, шест се со лесна и имаме со длабока венска тромбоза предвреме породена но и таа и бебето се во добра состојба. Сите породени бебиња се добри, вели др. Викторија Јовановска, директор на Клиника за гинекологија.

Дневните податоци покажуваат дека низ државата и понатаму е критично во Прилеп со 132 хоспитализирани и Битола каде во болница лежат 124 лица поради компликации од вирусот. Високи се бројките на болнички пациенти и во Охрид и Велес.

Силата на вирусот, односно РО факторот е паднат под единица и се надеваме така ќе остане, порача министерот за здравство по утринскиот состанок со раководителите на скопските ковид центри. 

-Деновиве е намален бројот на хоспитализации во болниците, но подготвени се дополнителни капацитети во болниците како во Скопје така и низ државата. Справувањето со овој трет бран кој е многу силен е исклучително тешко, не само кај нас туку насекаде во Европа. Според епидемиолошките анализи, РО факторот е паднат под 1 и се надеваме дека ќе остане така. Остануваме претпазливи, вирусот е непредвидлив и подмолен, напиша Филипче на Фејсбук.

Поради влошената епидемиолошка состојба на сила се построги рестриктивни мерки кои треба да спречат колабирање на здравствениот систем.

Изминатиот период е голема стапката на смртност во земјата. Само изминатите три дена битката со Ковид-19 ја изгубија 131 лице.