Виолинистката Мидори - солист на првиот концерт од новата сезона на Филхармонијата
Јапонската виолинистка со меѓународна кариера Мидори Гото на 6 октомври ќе биде солист на концертот „Животот на херојот“ со кој Македонската филхармонија ќе ја почне новата сезона. Таа ќе го изведе атрактивниот Концерт за виолина и оркестар од оскаровецот Ерих Корнголд. Под палката на Емил Табаков од Бугарија, ќе биде изведено и комплексното симфониско дело „Животот на херојот“ од Рихард Штраус, по кое овој концерт е насловен.
Новата концертна сезона 2016/2017 ќе претстави дела на класици, но и македонски композиции, некои и со премиерни изведби. Во оваа сезона (крајот на јануари или почетокот на февруари) ќе биде и преселувањето на Филхармонијата во сопствен простор - во долгоочекуваната нова концертна сала.
Директорката на Филхармонијата Маја Чанаќевиќ на прес-конференција рече дека претстојната концертна сезона (октомври 2016 - јуни 2017) ќе го понуди она што е најдобро и актуелно на светските музички сцени. На концертите, рече таа, со оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапат фантастични уметници, најавувајќи ги наградуваните пијанисти Лукас Вондрачек од Чешка и Џорџ Ли од САД, нашиот пијанист Дино Имери, потоа виолинистите Ѓорѓи Димчевски, јапонскиот Нинг Фенг, Сихана Бадивуку, хорнистот Штефан Дор од Германија, нашата сопранистка Милена Арсовска, Ксенија Сидорова на хармоника од Русија, саксофонистката Ејми Диксон од Австралија (неколкупати номинирана за награда ЕМИ), џез-трубачот Душко Гојковиќ и неговиот квинтет...
- Сите солисти, диригенти и композиции кои се најпопуларни, најбарани и најслушани се присутни веќе неколку гидини на сцената на Македонската филхармонија, а така ќе биде и оваа концертна сезона. Од програмски аспект, ќе имаме стандардни композиции и автори, како Бах, Бетовен, Шуман, Прокофјев, Шостакович... но и голем број дела кои ќе имаат премиерни изведби во Македонија, меѓу кои и од македонски автори. Како и секоја година, ќе имаме концерти кои, можеби, малку отстапуваат од она што е стандарден симфониски репертоар но, сепак, се поврзани со симфониската музика, рече Чанаќевиќ.
Покрај домашните диригенти Борјан Цанев и Саша Николовски-Ѓумар, зад пултот ќе гостуваат и странски диригенти, меѓу кои повторно Емил Табаков од Бугарија, Кејс Скалионе од САД, Даниел Рајскин од Русија...
Програмата за деца ќе почне на 15 октомври со концертот „Суперхерои“ - со препознатлива музика од познати филмови, а во текот на сезоната ќе има уште пет концерти, како и едукативни музички работилници.
За вселувањето во сопствениот дом, во новата концертна сала, Филхармонијата ќе има и специјален настан. Чанаќевиќ рече дека ќе има спектакуларен концерт со големи музички ѕвезди, но програмата нема да ја открива до декемеври.
- По долгото, повеќе од седум децении, престојување насекаде, конечно ќе се вселиме во нашиот дом каде ќе имаме можност за различни програмски содржини, различни концерти - симфониски, концерти на камерна музика, различни мултимедијални проекти, работилници... Ќе се обидеме да направиме се за таа концертна сала да биде не само објект во кој луѓето ќе доаѓаат да слушаат музика, туку и центар на културните случувања во нашиот град, рече Чанаќевиќ.
Виолинистката, концерт-мајстор на Оркестарот Ана Кондратенко, додаде дека со нетрпрение го очекуваат влезот во новата сала каде ќе ги добијат потребните услови за вежбање, проби и гардероби. Кондратенко ќе има соло-делница во вториот дел од концертот за отворање на сезоната на 6 октомври („Животот на херојот“ од Рихард Штраус).
- „Животот на херојот“ е животен предизвик за секој виолинист, особено за виолинист што работи во оркестар. Се смета за најтешко виолинско соло во една симфониска програма и таа делница се свири за аудиции во големите оркестри, рече Кондратенко.
Продажбата на блок-билетите за целата концертна сезона 2016/2017 почна пред две недели. Во понудата се традиционалните претплатнички циклуси „Фортисимо“, „Мецо“ и „Пијанисимо“. Може да се купат на билетарата во Домот на АРМ, како и електронски на www.mktickets.mk и www.kupikartizase.com.
Ново на Сител
-
Тројца сведоци на судењето за убиствата на Вања и Панче
-
33 години затвор за 13 велешани за силување малолетничка
-
Сирени за тревога во Киев, затворени неколку амбасади
-
Владата без дилема дала поддршка за кандидатурата на Шеќеринска, Мицкоски телефонски и честитал
-
Владата ја следи ситуацијата
-
Уставниот суд ќе расправа за 20-тина дена за Законот за јазици
-
Скопје остана без јавен превоз, автобусите на ЈСП немаат гориво - Хаос по постојките
-
За еден месец храната поскапела за 600 денари, кошницата надмина 62,000 денари