Loading Video...
Кошарка
22. May 2020 - 9:11

(ВИДЕО) По фудбалот Германците дадоа зелено светло и за кошарката

 
 
Пандемијата на Корона вирусот ниту во Германија не е запрена, но тоа не е проблем за тамошните спортски „власти“ да бараат и најдат решение како спортот да продолжи и во вакви услови. 
 
Имено, откако минатиот викенд продолжија возбудувањата во фудбалската Бундес лига, Германците објавија дека ќе продолжи и кошаркарската сезона.
 
Десетте најдобро пласирани екипи (од вкупно 17 колку што брои Бундес лигата) на едно место во Минхен, ќе играат на завршен турнир.  
 
Во салата на минхенски Баерн, „Ауди Дом“од 6 до 28 јуни, односно во 23 дена ќе се играат вкупно 35 натпревари. 
 
Екипите ќе бидат поделени во две групи во кои ќе бидат одиграни четири кола, односно секој со секого ќе одигра по еден натпревар. 
 
По групната фаза, освен последно пласираниот тим, останатите осум ќе продолжат во разигрувањето односно плеј-офот, во кој ќе се играат по два натпревари и тоа на кош разлика, почнувајќи од четвртфиналната, полуфиналната рунда како и самото финалето.
 
Иако натпреварите ќе се играат пред празни трибини, сепак Претседателот на Кошаркарската Бундес лига (ББЛ) Александар Раил, не го криеше задоволството што пред се Германија ќе добие првак на најдобриот можен начин, на спортскиот терен. 
 
„Со нетрпение очекувам да ја продолжам сезоната. Ова ни овозможува во тешки времиња, на достоен начин, да добиеме германски шампион и да им дозволиме на навивачите, барем во дневната соба, пред телевизиските екрани, да ги следат и навиваат за своите екипи. Особено би сакал да им се заблагодарам на политичарите, за високото ниво на доверба, надлежните органи на различните локации, за нивната соработка и сите оние кои развија многу добар концепт за безбедност и хигиена која ќе биде имплементирана во текот на целиот турнир“ изјави Александар Раил претседателот на ББЛ. 
 
Според протоколот, ниту еден тим нема да го напушти Минхен сè додека учествуваат на турнирот.
 
Натпреварите ќе се емитуваат во живо, а веќе се познати датумите од првото коло по групи, како и термините за финалните дуели, па така првиот натпревар од финалето е закажан за петок, 26 јуни (20.30 часот), додека реваншот ќе се одигра во недела, на 28 јуни (15,00 часот).
 
Во А група ќе играат: (1.место) Баерн Минхен, (4) Креилсхајм, (5) Олденбург, (8) Гетинген и (9) Улм, 
 
Конкуренцијата во Б група ја сочинуваат: (2) Лудвигсбург, (3) Алба Берлин, (6) Вехта, (7) Бамберг и (10) Франкфурт.