Македонија
3. јуни 2023 - 16:33

Вештачката интелегенција и новинарството – кој ќе ја добие иднината?

Рапидниот технолошки развој ги менува индустриите, но ги менува и медиумите кои мораат да фатат чекор со времето. 

Вештачката интелигенција, предизвиците со дезинформациите, но и социјалните мрежи беа главни теми на Светскиот конгрес на медиуми на Меѓународниот прес институт кој се одржа во Виена. 

Појавата на „ChatGpt“, но и други вештачки интелигенции внесе страв кај работниците во светот дека машините можат да ги „украдат“ нивните работни места. Каде се новинарите и медиумските работници во свет во кој за само неколку секунди вештачка интелигенција може да срочи извештај или да извади статистики и податоци од повеќе години?

„Мислам дека ако сте новинар и работите обични и повторувачки вести, тогаш многу е веројатно дека вашата работа ќе биде направена подобро од вештачката интелигенција. Но, ако сте новинар кој е критички настроен, и има вистински репортажи, или има барем емпатија, тогаш вашето човечко новинрство ќе биде многу повредно во иднина“, вели Чарлс Бекет.

Но освен за работните места, машините се закана и за вистината. Но главна улога во тоа дали тие ќе произведуваат лажни вести – ќе има токму човекот.

-Како било која друга технологија може да ја користите вештачката интелигенција за да создадете содзржина и таа да биде точна, прецизна и балансирана или може да биде лажна информација, дезинформација, може да биде и пропаганда и лажна вест, но вештачката интелигенција не го избира тоа туку човечкото суштество кое избира дали ќе создаде добра информација или лоша информација. 

-Вештачката интелигенција го зголемува ризикот од лажни вести и дезинформации. А токму ваквата состојба ќе ја промени улогата на новинарите во општеството. 

-Новинарите треба да ја променат својата професија, од тоа да бидат новинари кои известуваат за она што се случува, да бидат и проверувачи на факти, односно да проверуваат и да анализираат што точно се случува. 

Лажните вести и дезинформациите веројатно се стари колку и човекот, но за разлика од пред дваесетина години, денеска луѓето се преплавени од информации кои до нив стигнуваат за само неколку секунди преку мобилниот телефон.

„Бројот на неточни информации и начинот на кој се споделуваат речиси и да расте. Во еден дел причина за тоа е фактот што технологиите постојано се развиваат и дека денеска е поевтино и поедноставно од претходно, да се произведуваат и да се заработува на дезинформации“, вели Ана. 

Токму заработката од лагите е причина за појава и на теории на заговор. Па сега насекаде во светот се појавува категорија на луѓе кои веруваат дека земјата е рамна или дека со светот владее посебна раса човеколики рептили. Токму тие се најголем предизвик за трагачите по вистината.

Како да се врати довербата кај луѓето кои веруваат во се, но не веруваат во ништо? 

„Ова е навистина тешко прашање бидејќи истражувањата покажуваат дека откако еднаш луѓето ќе почнат да веруваат, тогаш ќе биде многу тешко да им приближите со различен наратив. Веројатно најважна работа е да се избегне луѓето да го заменат светогледот со теории на заговор“.

За да се спречи споделувањето и креирањето на лажни вести од вештачка интелигенција, сите држави во светот сега ќе мораат да најдат начин како да ги регулираат. Европската Унија е лидер во овој поглед, бидејќи годинава во сила стапува нов Закон кој ќе бара од големите технолошки компании да го проценат ризикот од нивната технологија и да го намалат тој ризик.

На дводневниот Светски конгрес во Виена новинари од целиот свет ги споделуваа своите искуства во борбата против дезинформациите. Учествуваа и група новинари од Македонија како дел од проектот „Користи факти“ на Институтот за комуникациски студии.