Македонија
10. April 2024 - 19:50

Велковски го разреши директорот на ЦСР Радовиш, а владата го врати на функција

Техничкиот министер за труд и социјала го разреши директорот на Центарот за социјални работи Радовиш, а вчера Владата на седница го поништи неговото решение. Денеска продолжија препукувањата помеѓу кабинетите на Ѓоко Велковски и Јована Тренчевска. Техничкиот министер вели дека го расрешил Александар Филев од директорското место на радовишкиот Центар по добиена информација од полицијата дека против истиот биле поднесени една кривична и 3 прекршочни пријави меѓу другото и за напад на полицаец и недозволена трговија со дрога.

-Врс основа на тоа ја донесов одлуката, поради нарушениот углед кој ја има самата институција и знаеме за што се залага и треба да биде во полза на граѓаните. И одлучив веднаш да биде разрешен од директор на Центарот за социјални работи Радовиш. На вчерашната седница која се одржа во Владата, а на која лично не присуствував по предлог на заменичката Јована решението беше поништено. Ќе побарам записник од седницата за да видам што се случувало, изјави Ѓоко Велковски, технички министер за труд и социјална политика.

Дополнителната заменичка во труд и социјала пак смета дека ова било еднострана одлука на техничкиот министер. Прво требало да се почитува презумцијата на невиност според Уставот, а не бил повреден ниту законот за социјална заштита зошто полициските пријави биле за однесување надвор од институцијата.

-Во решението не образложува дали инцидентот за кој добил информација од ОВР Радовиш се случил во работно време или надвор од работно време, дали се случил во или надвор од институцијата и техничкиот министер не наведува каква материјална штета е предизвикана од ваквото однесување врз институцијата. Законот за социјална заштита и статутот децидно наведуваат во кои случаи можер да биде разрешен директор на Центар за соицијални работи, изјави Јована Тренчевска, дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.

Претходно двата кабинети си упатија обвинувања за случајот со директорот на ЦСР Радовиш. Од кај Тренчевска во соопштение тврдат дека и Државниот инспекторат за труд утврдил повеќе неправилности, а од кај Велковски пак посочија дека инспекторатот за запрел постапката зошто не бил надлежен бидејќи се работело за именувано лице.