Македонија
17. April 2020 - 16:56

Велики петок во време на корона криза, верниците помеѓу верата и традициите

Велики петок е најтешкиот ден во Христијанството, кога во црквите се одвива симболичен погреб на Исус Христос. Верниците на овој голем ден доаѓаат во Божјиот Храм за да се поклонат пред Гробот на вечноста. На тој начин ја исполнуваат својата должност и ја искажуваат својата вера.

“Денеска е тажен ден. Тажен ден е затоа што денеска се најголемите страданија на Господа Исуса Христа и распнувањето. Токму затоа црквата направила секој петок да биде ден кога се пости во чест и спомен на страданијата на Господа Исуса Христа. Денеска е и голем ден затоа што се принесува најголемата жртва за целиот свет, за сите луѓе, за спасението на сите нас. Сепак, овој ден е голем затоа што после него следува Воскресението. Господ сè премудро направил во животот. Значи, низ страданија, преку крстот да се дојде до животот и Царството Божјо, односно до Воскресението. Господ воскреснува после тоа. Затоа, после страданието ни доаѓа големата радост”, објаснува Отец Сашо.

Со оглед на околностите во кои се наоѓаме и согласно препораките за заштита од ширење на вирусот, бројот на верници во црквите денеска беше далеку помал од вообичаено. Почитувајќи го меѓусебното растојание, верниците се поклонија пред Исусовиот гроб и најмногу од сè си посакаа добро здравје.

Свештениците со апел да се почитуваат препораките, но да не се изостават религиските обичаи.

“Нема искушение што не можеме да го победиме. Препорачувам да си имаат домашна молитва. Такви се состојбите и дома тоа можеме да го направиме. Да си направат храм од своите души, храм во своите домови. Така да, празникот во овие моменти ќе биде пренесен во домашен амбиент. Но, нека се радуваат, бидејќи празникот е радост, радост за она што Господ го направил за сите нас”, порачува Отец Сашо.