Македонија
4. May 2016 - 14:19

Величковски-Бенко: Интензивирање на соработката на армиите на Македонија и Унгарија

Со високи воени почести од страна на началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, денеска беше пречекана воената делегација на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, предводена од началникот на Генералштабот на ВС на Унгарија генерал Тибор Бенко, која се наоѓа во дводневна официјална посета на Република Македонија и Армијата на Република Македонија.  

Потребата за интензивирање на билатералната соработка помеѓу двете армии и размена на искуства во справување со актуелните безбедносни предизвици поврзани со мигрантската криза, можноста за заеднички настапи во изведување воена обука со користење на капацитетите со кои располага МО и АРМ беа клучните теми за време на официјалните разговори на средбите на кои присуствуваше и дел од клучниот персонал од ГШ на АРМ.

Како што соопшти ГШ на АРМ, на воената делегација од Унгарија им биле презентирани активностите кои АРМ ги презема во досегашното справување со актуелната мигрантска криза, процесот на трансформација на АРМ и учеството во операции за поддршка на мирот.

Делегацијата придружувана од амбасадорот на Унгарија во Република Македонија Јожеф Бенце имаше средба и со министерот за одбрана Зоран Јолевски. 

Во текот денот генералот Тибор Бенко ќе биде примен од претседателот на Република Македонија и Врховен командант на воружените сили на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Најавено е во текот на утрешниот ден делегацијата да ги посети Армискиот полигон „Криволак“ и караулата Богородица на македонско-грчката граница, каде ќе имаат прилика да се запознаат со активностите кои единиците на АРМ успешно ги извршуваат во поддршка на единиците на МВР при справувањето со предизвиците од мигрантската криза.

Посетата на ниво на началници на генералштабови на армиите членки на НАТО кои во овој период остваруваат посети на АРМ, се подвлекува во соопштението, се одлична прилика за продлабочување и интензивирање на меѓусебните воени соработки и очекувана поддршка од нивна страна кон полноправното членство на Република Македонија во НАТО алијансата.