Македонија
9. April 2016 - 14:23

Вечерва морате да се помолите

Апостолот рекол: „Секогаш радувајте се. Молете се постојано. За сѐ благодарете“. Меѓутоа,  подготвени сте да прашате дали е неопходно да се молиме постојано и дали воопшто е можна оваа заповед, а јас според можностите ќе се потрудам да го поддржам реченото. Молитвата е барање, кое благочестивите Му го упатуваат на Бога. Меѓутоа, тоа барање не е ограничено на зборовите. Затоа што, ние не мислиме дека треба Бог да Го потсетуваме со зборови: Тој знае што ни е од полза и кога ние тоа не го бараме. Значи, што велиме? Ние во молитвата не треба да создаваме зборови, туку расположение во душата и добродетелни дела. Тие треба да нѐ следат целиот наш живот, јакнејќи ја молитвата. Зашто е речено: „Ако, значи, јадете, или пиете, или што друго и да правите, сето тоа правете го во Божја слава“. Доколку седиш – моли се, доколку вкусуваш леб – заблагодари Му на Оној што ти го дал, доколку со вино ја крепиш слабоста на телото – спомни си за Оној што ти го дал за да го развесели твоето срце и да ти ја олесни болеста. Ако заминало немањето храна, нека не престанува размислувањето за Добродетелот. Облекуваш ли наметка, заблагодари Му се на Оној што ти ја дал. Облекуваш ли плашт, удвои ја љубовта кон Бога, Кој ни дал удобни наметки и за зима и за лето, кои го чуваат нашето тело и ја покриваат нашата грдотија. Дали помина денот? Заблагодари Му се на Оној што ни го подари сонцето за да ги извршуваме дневните работи и Кој ни го дал огнот за осветлување во ноќта и за извршување на останатите животни потреби. Ноќта нека ги поттикне и другите поводи за молитва. Кога ќе погледнеш во небото и ќе фрлиш поглед на убавината на ѕвездите, помоли Му се на Владиката на сѐ видливо и невидливо и поклони Му се на најголемиот Уметник – Бог, Кој „со мудрост создал сѐ“. Кога ќе видиш дека сета жива природа е обземена со сон, повторно поклони Му се на Оној што со посредство на спиењето нѐ ослободува од непрестајноста на трудот, после малиот одмор воспоставувајќи ја крепоста на нашите сили.

Но, немој да дозволиш половина од животот бесполезно да ти мине во нечувствителноста која ја донесува спиењето. Напротив, ноќното време подели го за спиење и молитва. И самото спиење нека ти биде поучување во благочестивоста. Бидејќи, сништата по природа се одблесок на дневните грижи. Ние, имено, по нужност сонуваме за она со што се занимаваме. На тој начин непрестајно ќе се молиш, т.е. молитвата нема да ја извршуваш само со зборови. Со целата животна настроеност треба да Му се приближуваш на Бог, за твојот живот да биде непрекината и непрестајна молитва. Освен тоа, речено е: „Благодарете за сѐ“.

Свети Василиј Велики