Свет
28. October 2024 - 10:31

„Вашингтон пост“: Кинески хакери дошле до аудио снимки од советник од кампањата на Трамп

Хакери поврзани со кинеската држава дошле до аудио снимки од телефонски разговори на американски политичари, вклучително и советник од штабот на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, објави „Вашингтон пост“.

ФБИ и американската Агенција за кибер безбедност и безбедност на инфраструктурата во петокот соопштија дека истражуваат неовластен пристап до комерцијалната телекомуникациска инфраструктура од поединци поврзани со Кина.

„Вашингтон пост“ пишува дека хакерите успеале да добијат пристап до нешифрирани комуникации, како што се СМС пораките.

Кинеските хакери ги таргетираа и телефоните што ги користат луѓе поврзани со кампањата на демократската претседателска кандидатка Камала Харис.

„Верајзен“ (Verizon) во петокот соопшти дека има информации за високотехнолошки обид да ги таргетира американските телекомуникации за собирање разузнавачки информации. Компанијата додаде дека работи со органите на прогонот.

Американскиот Конгрес исто така истражува, а претходно овој месец американските законодавци побараа од три компании да одговорат на прашања за извештаите за кинески хакери кои пристапувале до мрежите на американските провајдери на широкопојасен интернет.

Минатата недела кинеската амбасада во Вашингтон соопшти дека не е запознаена со конкретната ситуација, но додаде дека Кина се противи и се бори против кибер нападите и кибер кражбите во сите форми.