Свет
22. October 2022 - 8:52

Вашингтон пост: ФБИ во куќата на Трамп пронашле разузнавачки податоци за Кина и за Иран

Високо чувствителните разузнавачки информации за Иран и Кина се содржани во некои документи што американското Федерално биро за истраги ги пронајде за време на претресот во домот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Флорида, објави Вашингтон пост, цитирајќи извори.     

Станува збор за тајни документи кои ја опишуваат разузнавачката работа поврзана со Кина, а барем еден од нив се однесува на ракетната програма на Иран.

Објавувањето на информации од документите би донело повеќекратни ризици, вклучително и загрозување на луѓето кои ја помагаат работата на американските разузнавачки служби, објави американскиот весник цитирајќи експерти.

Министерството за правда истражува дали Трамп го прекршил законот земајќи владини документи откако ја напушти функцијата во 2021 година, вклучително и околу 100 доверливи документи што ги префрлил во својот имот на Флорида. Исто така, се истражува дали Трамп или неговиот тим спречувале агенти од ФБИ испратени во неговиот дом. Комитетот на американскиот Конгрес кој ги истражува минатогодишните напади на Капитол официјално го повика Трамп да сведочи за настаните на 6 јануари 2021 година.

„Вие бевте во центарот на првиот и единствен обид на кој било американски претседател да поништи избори. Знаевте дека оваа активност е незаконска и противуставна“, се вели во поканата.

Според федералниот закон, непочитувањето на поканата од конгресната комисија за сведочење или предавање документи е прекршок, казнив со затвор од еден месец до една година.