Македонија
20. December 2024 - 16:39

Вања и Панче биле убиени свирепо со ист калибар на оружје

Брутално и пукале во глава додека клечела на колена, обвинителството изнесе докази за начинот на кој е ликвидирана 14 годишната Вања. Девојчето било живо, обдукцијата покажала дека таа претходно не била гушена како што се пишуваше во медиумите. Според доказите, во неа пукале од само половина метар, одзади, додека се движела по калта. На денешното рочиште обвинителството се произнесува со преку 200  материјални докази. 

„Остатоците од кал на нејзините чевли укажуваат дека била на влажен терен. Во калта на местото на злосторството бил пронајден отисок од нејзините патики и кал под нејзините нокти, што укажува на нејзина одбрана пред да биде ликвидирана. Дополнително, трагите од кал на колената покажале дека девојчето клечело во тие моменти.“

Психијатрискиот извештај покажал дека обвинетите биле свесни и во моментот на грабнување и непосредно пред убиствата. Им пукале со калибар на куршум од 9 мм.

Првообвинетиот Палевски приговараше на оваа анализа и побара да бидат презентирани снимки од неговите телефонски разговори.  

„Табелите ќе покажат каде и со кого сум се движел. Не постои доказ за комуникација помеѓу мене и Александар Ѓорчевски“-истакна обвинетиот Палевски.

Според ДНК анализата на самолепливата лента со која и била залепена устата на Вања, пронајдени се мешани траги од девојчето и веројатно траги од обвинетиот Велибор Манев.

Според обвинителството, во велешанецот Жежовски пукале додека тој стоел, а главата му била свиткана надолу. Палевски бараше од обвинителката да објасни за церадата во која бил завиткан Жежовски, тврдејќи дека немало негови траги и отисоци. Досега биле сослушани 26 сведоци, а на следното рочиште ќе се изведат и други докази.