Македонија
25. August 2017 - 14:32

Ван Бален: Поддршка од евролибералите за реформите и евроинтеграцијата

Холандскиот европратеник и претседател на Алијансата на либерали и демократи во Европа (АЛДЕ) Ханс ван Бален денеска уште еднаш ја искажа поддршката што европските либерали и ја даваат на Република Македонија во евроинтегративните процеси. Тој на прес-конференција рече дека е убеден оти Македонија напредува и оти на земјата и е потребна политичка стабилност, а не нова влада секоја година. 

- Доколку владината програма  3-6-9 се реазлизира добро, оваа земја ќе стане модерна земја, тогаш ќе седнете на маса со ЕУ и ќе преговарате за членство. Либералдемократите во ова играат важна улога и јас ќе продолжам да ги поддржувам колку што ќе можам, рече ван Хален, кој денеска имаше средба со министерот Зоран Шапуриќ, а вчера беше примен и од премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров.  

На премиерот Заев му ја пренел поддршката, но и пораката дека либералите се силни во ЕУ. 

- Имаме седум премиери, членови на либерални партии и го имаме францускиот претседател Емануел Макрон, кој е силен поддржувач на либералните идеи. Со нашите пет еврокомесари, седум премиери и францускиот претседател ние треба да работиме заедно за напредок на Македонија, рече ван Бален.

Холандскиот европратеник одговарајќи на новинарско прашање во врска со актуелната политичка состојба во земјата и односите со соседите, рече дека оваа Влада се разликува по тоа што ги повикува пријателите и соседите и на маса со дијалог се обидува да ги репи проблемите. 

-  Мислам дека оваа Влада направи разлика со тоа што ги повикува (им се јавува) на пријателите и на соседите и директно оди таму да се обиде да ги реши проблемите. Во дискусијата со Србија, Македонија добро настапи без да врши притисок, туку рече ајде да седнеме на маса, рече ван Бален.  

Во однос на прашањето за името, тој посочи дека секогаш го сметал за грчки проблем, но, потенцираше тој, „новата влада рече ние ќе седнеме и ќе зборуваме со грчка влада и ќе се обидеме да најдеме решение“.

- Јас сум убеден дека вие ќе можете да ги решите вашите најголеми проблеми  и дека ние како ЕУ ќе седнеме со Македонија да го направиме тоа што требаше да биде направено пред многу години за преговорите за членство, рече холандскиот европратеник додавајжи дека тоа ќе се случи и со НАТО и со други организации.    

Министерот Зоран Шапуриќ задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија, истакна дека ван Бален  очекува во иднина ван Бален да стане еден од главните лобисти на Македонија во евроатланските процеси. 

За време на средбите, европратеникот и претседател на АЛДЕ, Ван Бален, покажал интерес и за бизнис климата во Република Македонија, од аспект на новата стратегија на Владата на РМ поврзана со странските инвестиции.

- Го информиравме нашиот гостин од Холандија дека новиот концепт на владата за странските инвестиции го промовира принципот на транспарентност и на еднаков пристап кон привилегиите за сите странски инвеститори, како и принципилената заложба на новата влада истите привилигии за инвестирање да им бидат понудени и на домашните компании за нивните инвестициски стратегии, нагласи Шапуриќ.

Одговарајќи на новинарско прашање Шапуриќ рече дека Владата не се откажува од странските инвестиции, но привлекувањето на инвеститорите ќе го прави на еден транспарентен начин.

- Исто така и со домашните инвестиции, нема субјективно да одлучува која компанија како ќе биде стимулирана. Ние посетивме многу компании ги нотираме проблемите директно на терен, рече тој посочувајќи дека намерата е олеснување на регулативата за бизнисот слободно да се развива.