Македонија
24. April 2021 - 8:32

Вакцинирани над две третини од пратениците, имунизацијата на владините претставници по Велигден

Во спортската сала А1 Арена – Борис Трајковски вчера започна вакцинацијата на пратениците со вакцината „Спутник В“, додека паралено продолжи и вакцинацијата на постарите граѓаните. Министерот за здравство Венко Филипче најави пристигнување на околу 26.000 дози од вакцината „Фајзер“ и 200.000 на „Синофарм“ до 28 април, портенцирајќи дека имунизацијата поинтензивно ќе продолжи да се спроведува по велигденските празници.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во вчерашното интервју за емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5, изјави дека кај пратениците има голем интерес да се вакцинираат и оти очекува работата на Парламентот да се нормализира кон средината на мај.

Според неговите податоци, до 16 часот вчера биле вакцинирани две третини од пратениците, но немаше информации колку уште примиле вакцина до 18 часот.

– Важно е вакцините да се ефикасни. Не треба да се политизира имунизацијата, нагласи Џафери, на прашањето дали се согласува што е вакциниран со руската вакцина „Спутник В“.

Тој, меѓу другото, истакна дека двајца вработени во собраниските служби починале како последица на Ковид-19 и затоа на службите им била дадена предност за имунизација.

– Очекувам работата на Парламентот да се нормализира кон средината на мај. Да се вратиме во нормални услови за работа, во салата предвидена за пленарни седници каде има систем за електронско гласање, вели Џафери.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека вакцинацијата се одвива добро на територија на целата држава и дека се останати по 5.000 дози од вакцината на „Астра Зенека“ и „Фајзер“, како и на „Синофарм“. Тој најави и пристигнување на околу 26.000 дози од вакцината „Фајзер“ и 200.000 на „Синофарм“ до 28 април. Вакцинирањето поинтензивно ќе продолжи да се спроведува по велигденските празници.

По Велигден ќе се вакцинираат и владините претставници, кога и се очекува во земјава да пристигнат првите поголеми количини на вакцини, соопшти вчера Филипче.

– Владините претставници се пријавени на сајтот „Вакцинација.мк“, така што кога ќе пристигнат првите поголеми количини, пред се мислам на кинеските вакцини, за кои најавено е дека ќе стигнат на 28 април и ќе бидат дистрибуирани ширум државата, за во вторник веднаш после празникот Велигден да започне вакцинацијата со тие вакцини и мислам веќе ќе бидат на ред и други институции кои спаѓаат во делот на критичната инфраструктура, рече Филипче.

Тој апелира граѓаните да се пријавуваат за вакцинација и смета дека со кампањата што ќе почне наскоро од Владата ќе се зголеми интересот за вакцинирање.

– Околу 150 илјади граѓани во овој момент се пријавени и тоа ќе биде начинот на кој ќе го продолжиме процесот на имунизација, изјави Филипче