Македонија
29. November 2023 - 19:54

Утврден предлог составот на аникорупциска, ревизорката Димитровска предложена за претседателка

Четворица ревизори, двајца вработени во антикорупциска и една судијка. Комисијата за селекција го утврди новиот предлог состав на антикорупциската комисија. Според ранг листата која е објавена на сајтот на Собранието, најмногу поени или 76 има Татјана Димитрoвска, која е предложена и за претседателка на комисија во следните 5 години.

Димитровска 19 години работи во Државниот завод за ревизија, последните две е помошник на главниот ревизор, а нејзин приоритет биле ревизиите на политичките партии.

Само неколку часа по објавената ранг листа со издвоено мислење излезе Снежана Камиловска Трповска, која беше дел од Комисијата за селекција. Во објавата вели доверба од комисија добиле кандидатите кои имале послаби интервјуа и одбивале да дадат одговори на директни прашања за конкретни и актуелни предмети кои ги работи антикорупциска, додека кандидатите кои имале одлични познавања добиле пониски оценки.   

Сепак ваква реакција нема од останатите членови на комисија кои беа задолжени за тридневните интервјуа во Собранието. Меѓу нив, пратениците од власта Фаница Николовска и Берат Ајдари, пратениците од опозицијата Ели Панова и Кастриот Реџепи, како и заменикот народен правобранител Јован Андоновски.

Оваа листа во петок ќе се разгледува на собраниската комисија за избори и именување, а следната недела се очекува да се најде и на пленарна седница каде за гласење е потребно просто мнозинство. 

Новите членови на функција треба да стапат на 8 февруари, кога завршува мандатот на актуелниот состав. Мандатот на антикорупционерите трае 5 години без право на повторен реизбор.