Фудбал
19. May 2022 - 17:36

Утре се игра финалето на фудбалскиот куп на Македонија

 

Утре петок на националната Арена е вообичаениот фудбалски празник кога се игра финалето на купот помеѓу екипите на Македонија ЃП и Силекс. Кратовци кои триумфираа минатата сезона во најбројното натпреварување ќе се борат за четвртиот трофеј додека Македонија ЃП досега има една титула. 

 
 
„Сите знаете дека Силекс минатата сезона испадна, меѓутоа го освои Купот и ние сме бранители. Ние сме првиот второлигаш во едно финале. Како екипа се собравме минатата сезона, работите во Втората лига си ги завршивме навреме и тоа ни беше приоритет. Верувам дека кој и да игра утре ќе го даде максимумот. Го респектирам противникот, до последното коло беше во игра за Европа преку лигата. Ни се отвори шанса да играме за титула, тука сме и верувам дека пред се ќе победи фудбалот, а кој ќе биде подобар, ќе видиме. Фаворитската улога не би требало некому да му се дава, затоа што ова е финале и се е отворено. Меѓутоа, блага предност има противникот, затоа што тие, сепак, доаѓаат од повисок ранг. За мене ова е трето финале, едно освоив, едно загубив со Тетекс, па зошто да не биде трета среќа?“, изјави тренерот на Силекс, Горазд Михајлов
 
„Македонија ЃП сосема заслужено е во финалето од Купот на Македонија, но знаеме што не очекува во пресметката со Силекс. Ги елиминиравме Академија Пандев, Шкупи и Струга, и сосема заслужено сме во мечот за титула. Мислам дека имаме квалитет и можеме да го освоиме трофејот. Имаме голема почит кон Силекс, тим кој е актуелен освојувач на Купот, без разлика на тоа што оваа година влегоа како второлигаш во финалето. Направивме добра анализа, гледавме повеќе нивни натпревари. Се работи за одличен тим, воден од тренер со којшто знаат што сакаат на теренот. Силекс условно се прошета во Втората лига, така што очекувам доста интересен натпревар, но јас верувам во мојот тим. Имаме квалитет, за мене ова е прво финале како тренер, двапати го имам освоено пехарот како играч, се надевам сега ќе успеам и како тренер. Вакви натпревари не се играат секој ден, треба да излеземе на терен и да уживаме“, вели предводникот на екипата од Ѓорче Петров, Муарем Бајрами.
 
Силекс и Македонија ЃП финалето ќе го започнат во 18 часот.