Македонија
28. September 2023 - 12:19
Утре почнува манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“
Од утре започнува манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, која ќе се одржи 32-ри пат по ред. Официјалниот старт е закажан за 17.00 часот во градскиот парк во Кочани со забавна програма, уличен театар и крунисување на жетварската убавица.
- Продолжуваме со една традиција со која сакаме да го афирмираме оризопроизводството како стопанска дејност во општина Кочани, да се навратиме на традициите, историјата и културата и во исто време да ги угостиме нашите пријатели од соседните општини, од збратимените градови и од соседните држави- изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.
Главен настан е традициското зажнејување во село Мојанци и вршидба на гумно, каде учесниците и посетителите ќе можат да научат и како се подготвуваат гурмански специјалитети од ориз од врвни готвачи.
- Анита Ангелковска, суши шеф, на лице место ќе презентира како се подготвува сушито и секако нашите посетители ќе можат да го вкусат сето тоа на лице место. Исто така, во етно катче ќе биде и Глигор Мишов, готвач, кој што ќе приготви комитска манџа, чиј рецепт потекнува од Осоговските планини- изјави Кристина Атанасова Арсова, ЛС-Кочани,
Самата манифестација е спој на традицијата и современиот уметнички израз, со приказ на патот на оризот од нивата до трпезата. Духовното и материјалното културно наследство се пренесува преку песната, орото, народните обичаи, старовремските предмети и алатки за обработка на кочанското „бело злато“.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->