Македонија
28. December 2018 - 9:38

Усвоен буџетот на Општина Делчево за 2019 година

Во Делчево се одржа последната седница на Советот на Општина Делчево за 2018 на која со потребниот број гласови е усвоен Буџетот за 2019 година.

Буџетот за 2019 е проектиран на 265 милиони и 985 илјади денари со основен буџет од 110 милиони и 983 илјади денари. Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, пред советниците истакна дека Општина Делчево се наоѓа во фаза во која се неопходни инвестиции во инфраструктурата како услов за раст и развој на општината.
 
-Буџетот на Општина Делчево е развоен буџет во кој најголем дел од проектираните средства се расходи наменети за капитални проекти. Капиталните расходи се проектирани на ниво од 46 милиони 451 илјада 412 денари во вкупниот буџет, односно 41 милион 251 илјади денари во основниот буџет и во најголем дел се однесуваат на изградба и реконструкција на улици и патишта и тоа и во урбаниот но и во руралниот дел на општината, потоа на изготвување на проекти за улици и патишта, надомест за одземен имот, односно попознато како експропријација на земјиште, планирани се средства за изградба на капела, како и  средства за изградба на новиот зелен пазар, истакна Трајковски.
 
Тој потенцираше дека Буџетот на Општина Делчево е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на патната и комуналната инфраструктура.
 
-Развојната компонента ни дава очекување за економски раст во општината во 2019 година, бидејќи капиталните проекти очекувано се зголемуваат и по број и по квалитет. Клучни капитални проекти на кој ќе посветиме големо внимание е изградбата на градскиот пазар, капелата, пешачкиот мост, но и максимална посветеност во сите сегменти за отпочнување на изградбата на филтер-станицата за чиста вода за пиење, како најважни сегменти за подобрување и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните на Општина Делчево. За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме повеќе средства за изградба на канализации и водоводи во општината, рече Трајковски.
 
Во делот на капитални расходи  во основниот буџет за изградба на улици и патишта се проектирани 5 милиони 928 илјади денари, за реконструкција на улици и патишта се предвидени 15 милиони 774 илјади денари, за подготвување проекти за улици и патишта се предвидени 3 милиони и 86 илјади денари, за изградба и реконструкција на пречистителни станици се предвидени милион и 500 илјади денари, за изградба на капацитети за водоснабдување 500 илјади денари, за изградба на капела и пазар предвидени се 8 милиони 134 илјади денари, за надзор на изградба 100 илјади денари, за изградба на пешачкиот мост на река Брегалница уплатено е учество во износ од 3 милиони и 220 илјади денари, со што општината ја измирила финансиска обврска за овој капитален проект.
 
Во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта Трајковски најави продолжување со изградба и реконструкција на патнатата мрежа на подрачјето на  Општина Делчево, но исто така и со комуникациските врски со соседните општини. Во таа насока како што истакна делчевскиот градоначалник ќе биде комплетно реконструиран патниот правец од село Звегор кон граничниот премин во должина од 5 километри. Комплетно ќе се реконструира патниот правец од Делчево кон Пехчево во должина од 11 километри а планирана е и реконструкција на булевар „Македонија“ од влезот до излезот од Делчево.
 
Во наредната година Трајковски очекува комплетно да се реконструираат и улиците „Вера Јоциќ “и „Маршал Тито“ со одвојување на фекалната од атмосферската канализација, одвојување на атмосферската од фекалната канализација на улица „Орце Николов“, како и замена на дел од водоводната инсталација. Овие средства за одвојување на атмосферската од фекалната канализација  се обезбедени од Министерството за транспорт и врски, а за реконструкција на улиците, средствата се од МСИП 2- проектот.
 
На последната Седница на Советот беше усвоена и Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Делчево за 2019 година, Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на државните службеници за 2019 година, Буџетскиот календар, измена и дополнување на Годишниот план за вработување на Општина Делчево за 2019 година, како и Одлука за преотстапување на користење и управување на дел од училишната зграда во с.Разловци за потребите на ОЈУДГ „Весели цветови“.