Македонија
25. May 2016 - 14:29

Уставниот суд ги поништи одлуките за распуштање на Собранието

Уставниот суд денеска донесе едногласна одлука со која се поништуваат Одлуката за распуштање на Собранието на РМ од јануари 2016 и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието на РМ од февруари 2016 година.

Според Судот, одложеното дејство на одлуките е главниот аргумент за оспорување односно поништување на Одлуката за распуштање на Собранието.

Судот оцени дека не може да се носи одлука за распуштање на Собранието со одложено дејство, бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Република Македонија.

На седницата пред една недела Судот изрази сомневање за одлуката и едногласно одлучи да поведе постапка по иницијативата на пратеникот Талат Џафери од ДУИ за оценување на уставноста. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.

Парламентот истиот ден (на 18 мај) одржа седница на која беа направени повеќе измени и дополнувања на закони, меѓу кои и на Изборниот законик, со што беа одложени изборите закажани за 5 јуни.

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во Службен весник на РМ, односно во првиот нареден број.