Македонија
26. January 2022 - 16:46

Уште еден пешак во Скопје усмртен од возило на пешачки премин

Уште еден пешак го загуби животот на скопските пешачки премини. 75-годишен маж загина непосредно до мостот Гоце Делчев откако во него со возило марка „бмв“ удри 42-годишна кумановчанка.

Увидот заврши, но се уште не е познато со која брзина возело „бмв“-то.

- По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства. Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата, велат од ОЈО.

„Ова е уште една жртва на скопските улици. Пред само шест дена во сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“ животот го загуби 24-годишна девојка од Радовиш.

И ноќеска во скопско Ново Лисиче имаше сообраќајна несреќа со смртни последици“.

- Ноќеска имаме сообраќајна несреќа во којашто учествувале две возила. За жал имаме едно починато лице и едно лице со тешки телесни повреди. Сообраќајката се случила на раскрсница помеѓу булеварот „Видое Смилевски Бато“ и сервисна уличка, изјави пртпаролот на МВР Тони Ангеловски.

МВР подолг период најавува измени на Законот за прекршоци со кои возачите нема да бидат казнети со условни казни, доколку предизвикале сообраќајни несреќи со смртни последици. Но, овие измени допрва треба да бидат доставени во Законодавниот дом.