Македонија
27. April 2017 - 17:20

Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип претставен пред кавадаречките средношколци

Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип денеска ги претстави пред средношколците од општина Кавадарци своите понуди за високо образование.

Ректорот Блажо Боев нагласи дека во своето десетгодишно постоење овој универзитет прерасна во еден од водечките во Република Македонија.

- По местото на рангирање, кога е во прашање високото образование, се гледа дека станува збор за висококвалитетна високообразовна установа која дава образование од највисок ранг, рече Боев. 

Тој ги повика средношколците од Кавадарци и околината да го препознаат овој универзитет и да студираат во негови рамки. 

-Со студирање на нашиот универзитет, ќе го добијат сето тоа што им е потребно за нивната иднина. Треба слободно да пристапат кон нашиот универзитет, затоа што тоа е вистинскиот избор. Не зборувам дека не треба да се избере и друг универзитет, но повикувам да се направи разлика и да се види кој универзитет е подобар, па да се пристапи кон него. Ние сметаме дека сме едни од најдобрите, додаде Боев.

Професорот Кирил Барбареев рече дека очекуваат да ги повторат бројките од минатата година, околу 2.300 студенти да се запишат на овој универзитет. Кавадарци како наставен центар во рамки на универзитетот, како што рече, е солидно опремен и може да прифати околу 150 студенти. 

- Ова е еден од начините на кој универзитетот во изминатите дваесетина денови се претставува во своите наставни центри. Станува збор за 12 факултети, три академии со близу сто студиски програми од сите наставно-научни подрачја, согласно на меѓународните научни класификации. Универзитетот продолжува динамично со своите активности, заедно со средношколците, рече Барбареев.

Тој информираше дека во изминатите десет години од Кавадарци и Неготино се запишани близу две илјади средношколци на Универзитетот во Штип. Според него, тоа покажува дека младите од регионот го препознаваат овој универзитет како сериозна високообразовна институција и продолжуваат да студираат на вториот и третиот циклус на студии.

Потсети дека во моментов во кампусот во Кавадарци се Факултетот за природни и технички науки, Земјоделскиот факултет, Факултетот за информатика, а близу 1.200 студенти се активни.