Македонија
9. April 2024 - 16:43

Универзална симбол на Скопје и убави спомени

Местото кое изнудуваше илјадници насмевки сега е само потсетник на едни убави спомени од кои извираат солзи на сечие лице. Една година по земјотресот во Универзална се одржува и првата средба на солидарноста, културно уметничка манифестација на која ќе се соберат претставници на земјите кои несебично укажаа помош да се издигне одново  разурнатиот град. Официјално ги отвора вратите на 10 јануари 1966година, со претставата „Виктор или деца на власта“ во изведба на „Атеље 212“ од Белград. Само во првата година преку 62 настани и околу 87 000 посетители собрала во свои прегратки. Оттогаш, станува не само симбол на солидарност туку и култ на градот. Место каде генерации деца за прв пат се среќаваат со музиката и уметноста, сврталиште на илјадници млади луѓе кои културно се воздигнуваат. Сцена на која се одиграни и отпеани милиони песни од домашни и странски пејачи, групи, ансамбли, оркестри. 

Универзалната сала беше  центарот на сите културни случувања во државата, каде се бараше место повеќе за фестивалите на Златните славејчиња, Скопски фестивал, 12те величенствени, Златна бубамара, сцена на која за прв пат зачекорија најголемите македонски музички великани, настапија голем број југословенски ѕвезди, но и светски музички легенди.

- Тага и болка предизвика кај македонскиот народ, ниту еден минувач не остана рамнодушен од глетката. Пламенот ги разгоре сите нивни спомени. Низ солзи, за својата младост за првиот настап и првата отпеана песна раскажува Блага Петревска.

Место кое ќе го памети по редици родители, распеани и насмеани дечиња кои со нетрпение чекаат да влезат за да пеат заедно со златните славејчиња. Ова беше домот на најстариот дестски фестивал на Балканот ќе рече Јосифовски кој со неверување ја примил веста за пожарот.

Универзалната сала беше сечие детство и младост, место со кое растеа генерации, сцена на која со гордост настапуваше секој уметник и музичар. Со години ја запуштаа, па се обидуваа да ја реновираат, да ја урнат, за потоа под притисок на јавноста да одлучат да ја реконструираат за да го задржи првобитниот изглед. По низата препукувања ја затворија и оградија, се водеа битки кој да ја нацрта па кој да ја реконструира, се правеа анкети како таа да изгледа, а некои и се откажаа од неа. За на крајот, така затворена меѓу лимените тараби, по  години поминати во негрижа од  институциите со бел чад се поздрави и замина во историјата.