Македонија
20. јуни 2016 - 17:45

УНХЦР: Македонија покажа огромна поддршка за бегалците

Македонија покажа огромна поддршка за значителниот број бегалци и мигранти кои поминаа низ регионот. За пофалба е како се справи со кризата, иако се работи за мал дел од бројот на бегалци кои приморани од насилство и прогон се движат низ светот. Повеќе од 60 проценти се жени и деца, вклучувајќи и мали деца кои патуваат сами или разделени од своите родители, на кои е потребно да им се посвети посебно внимание.

Ова се наведува во соопштението од Претставништвото на УНХЦР во Скопје по повод Светскиот ден на бегалците-20 Јуни.

- Граѓаните во државата, поведени од хуманитарниот дух, го дадоа првичниот одговор, создавајќи пат за Владата и сите хуманитарни партнери да воспостават координиран одговор. Одговорот ја покажа способноста на државата да се справи со итната состојба од големи размери и да осигури хуманитарната помош да стаса до оние на кои им е најпотребна, стои во соопштението.

Сепак, како што наведува УНХЦР, треба да се стори повеќе.

- Прифатот и интеграцијата на лицата на кои им е потребна меѓународна заштита не можат да бидат ограничени само на неколку земји. Сите земји треба да осигурат дека функционираат силни системи кои ги издвојуваат лицата на коишто им е можно потребна меѓународна заштита или кои се ранливи на некој начин и им ја обезбедуваат заштитата што им треба. УНХЦР е подготвен да помогне вообезбедувањето на соодветната правна рамка и да ја поддржи подготвеноста да им се даде таква заштита на сите кои сакаат да побараат азил тука, се вели во соопштението од УНХЦР. 

УНХЦР изразува надеж дека скорешните измени на Законот за азил и привремена заштита ќе можат да бидат изменети или укинати и оти ќе се преземат дополнителни мерки за законот да се усогласи со меѓународните и европските стандарди.

Во  Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје вечер ќе биде отворена изложба на цртежи направени од бегалци. Предвидено е да се обрати претставникот на УНХЦР Мохамад Ариф, а награди ќе им бидат доделени на победниците на јавниот повик за доделување на награда за професионално известување за состојбата на бегалците при мешаните миграциски движења за 2015 година. Изложбата ќе биде отворена до 24 јуни.