Македонија
27. April 2020 - 18:03

УНЕСКО ја одложи сесијата за статусот на Охрид

Поради пандемијата со коронавирусот одложена 44тата сесија на Комитетот за светско на УНЕСКО  закажана за крајот на месец јуни. На официјалната страна стои дека во тек се консултации на кои ќе се утврдат точните датуми на сесијата на која требаше да се одлучува дали природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе биде ставено на листата на загрозени подрачја.

- Со оглед на неодамнешните случувања во светот поврзани со пандемијата Ковид-19, беше решено 44-тата сесија на Комитетот за светско наследство, првично закажана за 29 јуни - 9 јули 2020 година, да биде одложена за подоцнежен датум. Дополнителни информации ќе бидат дадени што е можно поскоро, информираат од УНЕСКО.

Од граѓанската иницијатива Охрид СОС кои години наназад алармираат за нелегалните активности во градот остануваат на ставот дека ситуацијата на терен не е променета ниту една дивоградба не е целосно отстранета.

„Се носат наводни одлуки за мораториум кои се само фарса, само фасада во суштина ништо со нив не се носи ново донесен е мораторитум на територија на општина Охрид кој ги пресликува законските решенија кои што се во сила“, вели Драгана Велковска од граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Инспекторите на УНЕСКО кои извршија мониторинг во делот на исполнувањето на препораките, кои на градот му беа наложени на последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство со своја оценка ќе излезат во месец мај.

„Тогаш ние ќе имаме црно на бело тоа што експертите го утврдиле додека биле во посета на овој регион, информациите кои ги добиле од македонските инстируции и од граѓанските организации“ вели Велковска.

Инаку во последниот извештај УНЕСКО констатира дека Охридскиот Регион се соочува со несоодветна градба, и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој.

Нина Аритоновска