Свет
28. September 2022 - 11:09

Украинското МНР побара значително зголемување на западната воена помош

Украинското Министерство за надворешни работи денеска повика на значително зголемување на западната воена помош за земјата – еден ден по завршувањето на „референдумите“ во четири украински региони кои меѓународната заедница масовно ги осуди.

– Украина ги повикува ЕУ, НАТО и Г7 веднаш и значително да го зголемат притисокот врз Русија, конкретно со воведување нови тешки санкции и значително зголемување на воената помош за Украина, се вели во коминикето. Украинското Министерство за надворешни работи побара „тенкови, борбени авиони, артилерија со долг дострел, системи за противвоздушна и противракетна одбрана“.

Дополнително, во коминикето се повикуваат „сите земји и меѓународни организации да ги осудат незаконските дејствија на Кремљ на привремено окупираните украински територии“.

Проруските власти во украинските региони Запорожје, Херсон, Доњецк и Луганск вчера соопштија дека повеќето од нивните жители гласале за приклучување кон Русија. Се очекува дека официјален договор во овој контекст да биде усвоен од рускиот парламент во наредните денови.