Македонија
10. November 2023 - 12:51

УКИМ го одбележа Светскиот ден на науката

Популистички движења во последните години во голема мера поттикнуваат скептицизам во научните достигнувања на глобално ниво и затоа е многу важно да  се работи на градење на довербата во науката, беше порачано денеска на одбележувањето на Светскиот ден за мир и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје кој по овој повод ја организираше дебатата „Науката на УКИМ во функција на подобро општество“. Тема на годинашното одбележување на овој ден, кој УНЕСКО го прогласи во 2001 година, е „Доверба во науката“.

Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова рече дека довербата во науката го поттикнува развојот и затоа, рече, „мора да градиме доверба кај граѓаните и во општеството за науката што ја продуцираме – тоа е наша задача и обврска“.

-Научниците и општеството треба да работат заедно со цел изнаоѓање нови и подобри начини на поврзување на практиката и употребата на науката за обликување на нашите заедници и нашиот свет. Соработката и транспарентноста меѓу научната заедница и граѓаните ќе придонесат во ова време на неизвесност континуирано да се гради и да се зачувува довербата во науката преку решенија кои ќе доведат до трајни придобивки за јавното добро, рече Ангелова.

Покрај глобалниот одговор на современите предизвици, додаде таа, треба и нашата академска заедница да се вклучи во тој процес и да помогне во примената на научните достигнувања во пошироката општествена заедница.

Но, како што рече, иако во светот се зголемуваат вложувањата во истражувања, земјите во развој се уште инвестираат помалку од 1 процент од нивниот БДП.

-Во оваа група е и Македонија со инвестирање во истражување и развој од 0,3 проценти од БДП. За да може да се држи чекор со развиениот свет, нашата држава ќе треба да ја зголеми својата посветеност на истражување и развој... Нашиот пристап кон обезбедување инвестиции за наука и истражување не може да се сведе само на еден извор, кој, за жал, не е издашен, туку мора да бидеме проактивни и да бараме излез на меѓународна сцена, да ги зајакнеме сопствените капацитети за пристап  до ЕУ-фондовите за финансирање меѓународни проекти, истакна Ангелова.

Според д-р Петре Макрески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет. без наука нема просперитет зашто таа е катализатор на општествениот напредок, нејзините откритија ги поттикнуваат иновациите, го подобруваат животот и го зголемуваат економскиот раст.

Во контекст на годинашната тема на Светскиот ден за мир и развој  -„Доверба во науката“, тој смета дека е моќна порака бидејќи само така може да се подигне јавната свест за улогата на науката за мирни и одржливи заедници.

- За наука се говори исклучително ретко и затоа се создава перцепција дека таа претставува табу тема и нешто апстрактно, што не е така. Доколку сакаме да ја вратиме јавната доверба во науката, мора да работиме на поттик на љубопитнист и научна култура кај младата популација, почнувајќи од предучилишна возраст. За жал, во нашата држава вакви стратегии има многу малку и не вродиле  доволно со плод каде сакаме да се најдеме по некоја деценија, рече Макрески.

Укажа дека не е охрабрувачки ни недоволното издвојување средства за наука во земјава, посочувајќи го  извештајот  за наука на УНЕСКО од 2021, насловен „Трка против времето“, кој ја вбројува нашата држава „на седмото најдолно место во светот“.

Поразителен е фактот, рече тој, дека буџетот за наука предвиден за оваа година е еден од најниските во последните години.

-Издвојувањето за наука во ЕУ расте, и во 2021 година изнесува дури 2,27 проценти, што е неколку десетини пати поголем од нашиот. Упатуваме апел овие работи да се променат веднаш. Сакаме да фатиме приклучок со развиениот свет, порача Макрески.

По повод Светскиот ден за мир и развој,  УКИМ ги додели и годишните награди за најдобри научници и најдобар уметник на неговите факултети за 2022 година.