Македонија
2. April 2020 - 14:31

Уапсени двајцата насилници кои тепаа девојка во Штип

Со клоци и тупаници двајца насилници крвнички тепаат девојка. Видеото кое го снимиле сами веројатно во влез од станбена зграда во Штип утрово интензивно се споделува на социјалните мрежи.
Во него тие бараат од девојката да каже дали е бремена обвинувајќи ја дека ширела невистини за нив додека таа ги моли да не ја тепаат.

Два часа по објавувањето на видеото од МВР информираат дека веќе ги имаат приведено насилниците.

„Во врска со видеото кое утрово се споделува на социјалните мрежи, ја информирам јавноста дека од страна на Секторот за внатрешни работи Штип преземени се мерки за утврдување на идентитетот на лицата кои се препознаваат на видеото и истите се лишени од слобода за понатамошно постапување. Според информациите од ПС ОН Штип, станува збор за лицата С.А и П.Р.
За конкретниот настан и преземените мерки известено е основното јавно обвинителство.
Министерството за внатрешни работи ги презема сите потребни мерки за целосно расчитување на случајот.” – напиша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на социјалните мрежи

Од Обвинителството потврдуваат дека веќе работат на случајот.

„Основното јавно обвинителство во Штип отвори предмет по допрен глас откако на социјалните мрежи и медиумите беа објавени видео записи во кои се гледа насилство извршено над едно лице.
Во насока на обезбедување услови за непречено водење на натамошната постапка и расчистување на кривично-правниот настан преку прибирање на материјални и вербални докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип издаде насоки и наредби до надлежните институции за пронаоѓање на сторителите и нивно приведување во полициска станица.“ – стои во соопштението објавено на веб страната на обвинителството.

Се уште нема информации кога точно е снимено видеото и како тоа се најде на социјалните мрежи.