Македонија
27. February 2025 - 16:47

Уапсен поранешниот директор на затворот Шутка, Филип Андов-Сокол

Приведен е поранешниот директор на затворот „Шутка“, Филип Андов, заедно со заповедникот на установата и неговиот соработник, Сашо Крстевски, дознава Сител од неофицијални извори. Но, низата апсења тука не запира – под лупа на истрагата се најдоа и други поранешни и сегашни вработени во затворот, кои, според сомнежите, биле дел од добро вмрежена криминална шема. Дел од нив се товарат дека незаконски ослободувале затвореници и договарале бегства, користејќи ги нивните позиции.

Од рано утринава, полицијата врши претреси низ Скопје, барајќи докази што би можеле да ја расплетат целата приказна – кој, кога и по чиј налог ја отворил вратата за оние што требало да останат зад решетки. 

„Под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по Наредба на судија на претходна постапка полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при МВР извршуваат претреси на локации во Скопје. Подетални информации во текот на денот“.

И од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, истото соопштение, дека се вршат претреси по наредба на судија на претходна постапка.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ да се огради од Филип Андов Сокол, кој пред да стане директор беше и советник на Зоран Заев.

- По истата логика СДС сега си го брани и членот на ЦО Филип Андов кој беше директор на затворот Шутка и кој жареше и палеше во затворот додека во него имало бројни криминали.

Народот виде какви криминалци ја воделе државата со години, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираа од опозициската СДСМ- власта лиферува имиња во јавноста за етикетирање и предвремена јавна осуда.

- Секогаш кога власта ќе направи некаква глупост или нејзините погрешни политики ќе доживеат дебакл, како што деновиве се случи на меѓународен план со Резолуциите во ОН и со падот на економијата, гледаме како се поднесуваат кривични пријави и се лиферуваат имиња во јавноста за предвремена јавна осуда и политичко етикетирање. Правење јавен линч само со поднесување кривични пријави кои допрва треба да видиме дали се основани фрлаат дамка на сите овие процеси за кои СДСМ отворено се сомнева, велат од СДСМ. 

Филип Андов – Сокол раководеше со затворот „Скопје“ од 2020 до јули 2024 година, кога беше разрешен на Владина седница. Вонредните контроли на Управата за извршување на санкции утврдија сериозни неправилности во работењето на затворот, што го отвори прашањето за тоа како функционирал системот зад решетките.

При контролите што следеа, новиот директор Пандов во неколку наврати констатирал дека дел од затворениците кои требало да бидат во своите ќелии, ги немало. На списоците стоеле како присутни, но всушност биле во бегство. Пандов тогаш изјави дека затворот „Скопје“ наликува на „хотел промаја“, алудирајќи на честите бегства, кои според него биле резултат на лошо менаџирање, но и други пропусти во системот.

Собраните документи и докази биле предадени на Обвинителството, по што следуваше смена на раководството. На местото на Андов, за нов директор беше назначен Бобан Утковски.

Но и новиот директор се соочи со истите проблеми, на прозивка фалеа затвореници, па за нив се распишуваа потерници. Имаше и случаи кога затвореници при спровод и бегаа на полицијата.