Фудбал
15. September 2015 - 18:55

У-19: Канонада од голови и пораз од БиХ

Македонската репрезентација до 19 години загуби со 5:2 од селекцијата на Босна и Херцеговина на првиот контролен натпревар одигран меѓу овие селекции на стадионот во Ѓорче Петров.
Нашите млади фудбалери одлично го отворија натпреварот, во воведните 15 - на минути создадовме две добри прилики, но не успеавме да реализираме. Физички доминантните босанци сериозно се заканија во 25`, но пречката беше сојузник на нашиот голман Илиќ. Во 35` наивно погрешивме во одбраната, а гостинот со голот на Кременовиќ обезбеди предност од 1:0. Избраниците на селекторот Станиќ две минути пред полувремето се вратија на резултатска нишалка, откако Петар Петковски прекрасно влезе во казнениот простор, мина двајца гостински фудбалери и ја погоди мрежата на БИХ за 1:1. Сепак, босанците веќе во следниот напад ја вратија предноста, откако по нафрлена топка највисок во скокот беше Османковиќ за 2:1. По две минути од второто полувреме, Валентин Кочовски не реализираше одлична шанса за ново израмнување. Неговиот удар мина над пречката од гостинскиот гол. Сепак, Кочовски во 55` беше најзаслужен за вториот погодок на Македонија, прекрасно со пета асистираше до Петковски кој реализираше за 2:2. Босанците по само две минути од израмнувањето одново обезбедија предност, повторно по наша грешка на одбраната и одново казни Кременовиќ за 3:2. Гостинскиот напаѓач комплетираше хет трик во 81` за 4:2, а конечниот резултат го постави нововлезениот Марин Матиќ во последните минути од натпреварот.
 
Двете репрезентации во четврток во 11.00 часот го играат вториот контролен натпревар на стадионот во Ѓорче Петров.
 
МАКЕДОНИЈА: Филип Илиќ, Слободан Боцевски, Кристијан Каранфиловски, Стефан Јефтоски, Шаип Тела, Нехар Садики, Емил Абаз, Давор Здравковски, Петар Петковски (к), Валентин Кочовски, Матеј Цветановски;
 
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА: Емир Чутанија, Адван Кадушуќ, Омар Пашагиќ, Ајдин Реџиќ, Кемал Османковиќ, Степјан Раделиќ, Аднан Османковиќ, Зинедин Мустеданагиќ, Владимир Кременовиќ, Херик Елведин, Хамза Чатаковиќ;