Свет
15. October 2015 - 16:14

Туск: Идејата за создавање безбедносни зони во Сирија е илузија

Идејата за создавање безбедносни зони или зони забранети за летови во Сирија е нереална, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на прес-конференција пред дводневниот самит на Европската унија, кој ќе се одржи во Брисел.

- Можам да разберам зошто на Турција и се потребни безбедносни зони, но јас немам илузии. Денес таа идеја за создавање на безбедносни зони во Сирија е потежок проект, отколку порано, рече тој, одговарајќи на новинарско прашање. 

- Реакцијата на руската страна беше мошне јасна, Русија е против таа идеја. И фактот дека Русија е присутна и дејствува во Сирија денес покажува колку е тешко создавање на безбедносни зони, додаде Туск. 

Тој истакна дека преферира да се фокусира на пореални задачи.

- За нас денеска најважно е во преговорите со Турција да се пронајдат прагматични инструменти и методи. Јас сум подготвен да се сосредоточам на попрагматични и пореални цели, отколку безбедносните зони, рече Туск.