Свет
16. December 2015 - 13:51

Турција ќе гради воена база во Катар

Турција ќе изгради воена база во Катар, која ќе има цел да им помогне на двете земји поуспешно да се справуваат со „заедничките непријатели“, изјави денеска турскиот амбасадор за Доха, Ахмед Демир. 

Базата, која ќе се гради врз основа на билатералниот договор за воена соаработка склучен во 2014 година, а ратификуван од страна на турскиот Парламент во јуни година, според очекувањата на Анкара, треба да придонесе за зајакнување партнерството меѓу Турција и Катар во услови на зголемена нестабилност во регионот на Блискиот Исток. 

Амбасадорот Демир најави дека во базата ќе бидат стационирани 3.000 војници од Копнените сили, Военото воздухопловство и Морнарицата на Турција, како и тимови за обука и припадници на силите за специјални операции.

- Оваа прва повеќенаменска воена база на Турција на Блискиот Исток, ќе служи главно како место за заеднички вежби. Катар, исто така, размислува за изградба на своја база во Турција, нагласи турскиот амбасадор. 

Демир додаде дека Турција и Катар имаат „заеднички проблеми и се загрижени поради развојот на настаните во регионот и несигурната политичка состојба во соседните земји“. 

- Се соочуваме со заеднички непријатели. Во овој критичен момент за Блискиот Исток нашата меѓусебна соработката е исклучително важна, истакна Демир. 

Во Катар, кој е една од најбогатите држави во светот, се наоѓа и најголемата американска воздухопловна база на Блискиот Исток, каде се стационирани 100.000 војници.