Свет
8. November 2017 - 10:19

Турција и Иран планираат заедничка операција против ПКК

- Турција и Иран планираат заедничка офанзива на против герилската Курдска работничка партија (ПКК) во реонот на планината Кандил, на тромеѓето меѓу Турција, Иран и Ирак, објави турскиот весник „Акшам“. 

Според весникот, по референдумот за независност на Ирачки Курдистан, Иран го сменил својот став кон курдските сили кои се распоредени во оваа област и отпочнал разговори со Турција за заедничка операција против нив.

Референдумот покажа дека постои раскол меѓу партиите и вооружените групи на ирачките Курди, при што, како што јави МИА, дел од нив се приклонија кон Иран и не се согласуваат со идејата за независна држава.

ПКК се наоѓа на листите на терористички организации на Турција, САД и Европската Унија, поради нејзината повеќедецениска борба за автономија на турските реони населени со Курди, во рамките на која организацијата користи логистички бази во Ирак и Иран. Се смета дека базите во планината Кандил се главно упориште на ПКК.