Македонија
31. October 2017 - 8:35

Трки со џипови - возбуда и авантуристички дух

Трки со џипови, велосипеди, болдеринг (качување по јажиња), освојување на, навидум, неосвоивото, се честите преизвици на новото време. И Македонија се вклучува во авантуризмот, а се чини во последно време, Прилеп сака да биде предизвик за ваквите екстремни, адреналистички спортови.

Октомври е резервиран за една таква авантура, во околината на Прилеп, но и неизбежниот полигон за екстремни спортови кај Старо Лагово, прилепско. Таму, втора година по ред се одржуваат рели-трките и натпреварувањата со џипови. Авантура, која не треба да се пропушти.

Викендот на 21 и 22 октомври беше вистинско уживање да се проследат трките со џипови. По втор пат се одржа меѓународното рели насловено „Македонски трофеј“ (Macedonian trophy).

Се втурнавме во авантурата наречена - рели со џипови, што кај нас и на Балканот, се уште е во зародиш, меѓутоа, привлекува внимание.

Џипови трка

Викенд што гарантира возбудувања и покачување на адреналинот

Прилепскиот клуб „Офф роад Прилеп“ имаше  амбициозна задача - да им приреди на 200 учесници од Балканот (Бугарија, Грција, Србија, Македонија) врвни натпревари, а на публиката - незаборавно доживување.

Место на настанот: Околината на Прилеп и главно - полигонот за екстремни спортови во Старо Лагово. Добивме „упатство за доживување“ од прилепскиот „Офф роад“ клуб и неговиот претседател Панче Чупаркоски.

- Прилеп е домаќин на несекојдневен авантуристички и екстремен спорт - на едиственото „Macedonian trophy“ веќе втора година. Околу 200 џипови, добро опремени со специјална опрема возеа во околината на Прилеп - 30 километри по речиси невозможмни патишта кај селото Селце, месноста Шаторов камен и, пак, до полигонот кај Старо Лагово. А потоа, по специјално подготвена траса - и на полигонот.

Џипови трка

 

Публика не недостасува на вакви натпреварувања. Убави сончеви октомвриски денови за голема возбуда. Се користи моментот да се доживеат несекојдневни натпревари. Чупаркоски од „Офф роад“ клубот објаснува:

- По саботната трка (21 октомври) во околината на Прилеп, неделната на 22 октомври беше концентрирана на полигонот кај Старо Лагово. Прилеп и Македонија се „нови“ во ваквите натпреварувања. За да се натпреварува еден џип потребна е специјална опрема за сите невозможни терени, за извлекување, за насочување на возилата, зајакнати мотори. Има многу превртувања на џиповите, дури може добар дел да се уништи, вели Чупаркоски.

Од сите учесници на вториот „Македонски трофеј“ најбројни се бугарските возачи кои беа 60. Тие, а и македонските учесници, беа задоволни од организацијата и од условите. Станислав Велински од Бугарија и Александар Илоски, од охридскиот „Офф роуд“ клуб имаат само пофалби за домаќините:

- По втор пат сме тука во Прилеп. Од Софија доаѓаме затоа што многу ни се допаѓа организацијата и нивото на натпревари. Овој спорт „влегува во крвта“ иако е скап. За целосно да се опреми џипот за вакви натпреварувања, потребни се најмалку 10.000 евра. Ама е крајно возбудливо, вели Велински од Бугарија.

- Овие натпреварувањето лани ни оставија најдобар впечаток од сите на кои сме биле во државава и надвор од неа. Организацијата е професионална, дојдени сме со шест џипови од кои два ќе учествуваат во тешката, екстремна категорија на натпревари. Вака полека Македонија се препознава како дестинација и на вакви адреналински натпреварувања, вели Илоски од Охрид.

Ги имаше и оние кои првпат учествуваа. Стефан Велимиров со својот совозач Миодраг Несторов дојдоа од Србија, од Зрењанин.

- Прв пат сме во Прилеп. Дојдовме за натпревар, но и за дружење и нови искуства, вели Велимиров.

Џипови трка

Трките со џипови се дел од авантуристичкиот туризам што го нуди Македонија

За среќа, што и одговара на земјава, тоа е тренд во светот, вели Живка Цветкоска Андоновска од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија. Ваквите натпреварувања Агенцијата ги поддржува и ќе ги промовира на саеми.

- Агенцијата ги поддржува на секакв начин екстремните спортови, бидејќи авантуристичкиот туризам е тренд во светот, а тоа и оди во прилог на Македонија бидејќи е оаза која ги нуди сите видови авантуристички туризам, вели таа.

Цветкоска Андоновска истакна дека Агенцијата ги поддржува и им дава можност за развој на сите вакви настани и оти ќе ги промовираат овие активности на сите следни меѓународни саеми, а со соодветна програма со која може да конкурира, и оваа маниофестација може да добие финансиска поддршка.

- Ваквиот начин на туризам е многу подоходовен за Македонија, бидејќи, според истражувањата, 74 насто од сите финансиски трошоци што ги прават туристите кај нас, остануваат кај локалното население што не е случај со масовниот туризам, вели Цветкоска Андоновска која двата дена ги следеше натпреварувањата.

Џипови трка

Возачите на трките концентрирани да ги поминат сите поставени препреки

Трасата на полигонот за екстремни спортови кај Старо Лагово е приспособена да ги задоволи европските стандарди за три категории натпревари: најекстремната и најтешка- трофи категорија, потоа е „адвенчар“ и на крајот „туристичката“ најлесна категорија за натпревар.

Трофи - категоријата бара од возачите максимална посветеност на сите водени, високи, вертикални препреки, на „доловите“ и угорнините, на, речиси, невозможните траси. 

- Се е во умешноста, тактичкото возење. Идеално би било кога возачите ќе извозат најбрзо, без застој и некој да ги извлекува. Тоа носи казнени поени, објаснува Чупаркоски.

Не беше изненадување кога бугарските возачи, и годинава, се покажаа најуспешни. Победниците во натешката категорија Љубен Динев и неговиот совозач, Димитар Нејков сакаат македонското натпреваруавње да го воведат во балканските.

- Со најголемо задовоство учествуваме на македонското трофи. Веќе нивото на организација е многу високо, а и стандардите се меѓународни. Сето ова го доближува натпреварот до балканско трофи и се ќе направиме да влезе и да се бодува во меѓународните натпреварувања, врели Динев.

Џипови трка

А организаторите, прилепскот „Офф роад“ клуб сакаат рели трките со џипови да станат традиционални, но и да се бодираат на меѓународната сцена.

- Задоволство беше што имаше голем број заинтересирани да ги следат натпреварите, многу подобра организација со високи стандарди во споредба со лани. Правилата и условите за натпреварување беа според европските стандарди. Желба и план е ова да прерасне во традиција и ова трофи да се бодува во некој од меѓународните купови, напоменува Панче Чупаркоски, претседател на прилепскиот клуб.

Поканата за сите вљубеници во адреналинските и екстремни спортови од релито „Macedonian trophy“ во Прилеп, е отворена. Се најавуваат нови возбудувања в година, но и отворање на патот на авантуристичкиот туризам во Македонија.

Елизабета Митреска/МИА