Македонија
2. December 2015 - 9:02

Тркалезна маса за деца со аутизам во основното образование

Тркалезна маса на тема „Децата со аутизам во редовното основно образование“ ќе се одржи денеска во ЕУ Инфо центарот во Скопје.

Тркалезната маса ќе ја отворат народниот правобранител Иџет Мемети, програм менаџерот  за образование и родова еднаквост од Делегација на Европската унија во Скопје, Софи Боман и амбасадорката на Австрија во Македонија, Ренате Коблер.

Истражувањето спроведено од Канцеларијата на народниот правобранител за „Согледување на состојбите со остварување на правото на образование на децата со аутистучен спектар на нарушување во основните училишта“ ќе го презентира заменик народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, а  искуството од Австрија за оваа состојба ќе го пренесе проф. Ернест Бергер претставник на Австрискиот омбдсман борд.

За „Активностите на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието во однос на образованието на децата со аутизам“, ќе зборува Снежана Трпевска-советник за воспитување и образование на деца со посебни потреби, додека на тема Предизвиците на инклузивниот процес во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“-Скопје ќе зборува Елизабета Петровиќ, наставник и национален обучувач за инклузија.

Тркалезната маса се одржува во рамките на Твининг проектот насловен како „Промоција на надлежностите на народниот правобранител и јакнење на институционалните капацитети“, а кој го спроведува Народниот правобранител во соработка со Канцеларијата на Австрискиот омбудсман борд и Лудвиг Болтцман Институтот за човекови права.