Трка на штикли во Битола
На Широк сокак во Битола вечерва ќе се одржи традиционалната трка на штикли. Годинава манифестацијата има меѓународен карактер, бидејќи покрај девојките од Македонија ќе учествуваат и натпреварувачки од Турција.
Организатор на трката е Младинскиот културен центар од Битола кој манифестацијата ја организира по четврт пат. Годинава ќе се натпреваруваат вкупно 14 учеснички, од кои три доаѓаат од Турција.
- Трката во Битола е една модерна манифестација која што ја симболизира силата, упорноста и истрајноста на современата девојка и жена. Таа и на високи потпетици го освојува светот и трката уште еднаш упатува порака за јакнење на улогата на жената во современото општество, вели Сашо Додовски од Младинскиот културен центар Битола.
Младинскиот културен центар ја организира трката и со цел да промовира нови алтернативни начини за збогатување на забавниот живот на младите, како и користење на алтернативни простори.
Манифестацијата, која се организира во рамките на Битолско културно лето Битфест, го следи трендот на најпознатите светски трки по меѓународни стандарди, како што се трките на штикли на улиците „Кнез Михајлова“ во Белград и „Страдун“ во Дубровник.
Натпреварувачките ќе трчаат на високи потпетици не пониски од осум сантиментри, при што не е дозволено да се трча во чизми. Предвидени се две полуфинални и една финална трка. Регуларноста на трката ќе ја следи петчлено жири во состав на јавни личности. Сите девојќи кои ќе учествуваат во трката ќе добијат награди, а за трите најбрзи девојки, организаторот обезбедува и примамливи парични награди. Покрај трката предвидена е и богата музичка програма.
Ново на Сител
-
Земјотрес со јачина од 4,6 степени го погоди Неапол и околината
-
Лани евидентирани 757 дивоградби, речиси сите се во приватна сопственост
-
Конзулатот е во комуникација со семејството на починатото девојче во Италија, велат од МНР
-
Во Милан очекуваат ветеранот Лука Модриќ да има лидерска улога во тимот
-
Николоски: Планина поместивме да го изгрaдиме експресниот пат од Фариш до Дреново
-
Сар: Израел е заинтересиран за воспоставување дипломатски односи со Сирија и Либан
-
Би-Би-Си: Сателитски снимки покажуваат санација на штетата во иранскиот нуклеарен погон Фордо
-
Фон дер Лајен: Договоривме „Компромис од Севиља“ за затворање на јазот во финансирањето на развојот