Македонија
19. March 2025 - 16:45

Три дискотеки се затворени оти не исполнуваат услови, иако имаат лиценци

58 годишен кумановчанец е приведен откако полицијата го затекнала како од паркирано возило изнесува противпожарни апарати и ги внесува во својот ноќен клуб. Веднаш потоа полициски службеници влегле во објектот и внатре пронашле и пиротехнички средства.

„Лицето било лишено од слобода и во полициска станица, во присуство на адвокат, со него бил извршен службен разговор, а од инспектор за заштита и спасување издадени се прекршочни платни налози и издадено е решение за забрана за работа до отстранување на неправилностите“, велат од МВР. 

За настанот бил известен и јавен обвинител.

Во меѓувреме, три дискотеки се затворени оти не ги исполнувале потребните услови, иако имале важечка лиценца. Портпаролката на Владата рече дека вчера биле направени контроли кај 12 објекти со активна лиценца. За останатите 9 се уште се проверуваат документи.

„Во однос на ваквата состојба, веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби коишто се возможни согласно закон ќе бидат преземени. Сакам да ја информирам и јавноста дека е направен и план и за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото. Она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија - тоа е симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција. Ниту ќе замижуваме, ниту ќе заштитуваме. Сакам да истакнам дека ја разбираме фрустрацијата. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат“ – Марија Митева, портпаролка на Владата

Митева вели на терен секој ден се над 10 тима кои вршат контрола.

„Овие тимови не се составени само од државниот пазарен инспекторат, туку се вклучени повеќе надлежни институции коишто се заедно на терен, вклучувајќи го и МВР, градежните работници кои се искусни во оваа работа, трудовите инспектори, инспекторите од УЈП, финансовата полиција е дел од тимовите. Буквално сите институции кои можат да дадат каков било придонес за да бидеме сигурни дека минимално техничките услови мора задолжително да се исполнуваат, сите се на терен“ – Марија Митева, портпаролка на Владата

Според Правилникот за минимално технички услови за вршење на угостителска дејност во делот кој се однесува на кабаре, ноќен бар и диско клуб, објектите треба да имаат клима и вентилација за промена на воздухот 20 пати во еден час. За објектите треба да има најмалку еден излез за итни ситуации за капацитет од 100 гости, а за поголем број на лица соодветен број на помошни излези. Треба да има и апарати и друга опрема за гаснење пожар, но не се бара документ за исполнување на овие стандарди.

При инспекција деновиве откриено е дека само 22 дискотеки низ државата имаат лиценци за работа. Најмногу објекти има Скопје - 13, но од нив само два поседуваат важечки лиценци, 8 имаат истечени, а 3 објекти немаат никаква лиценца.