Македонија
8. October 2021 - 20:36

Треба ли да се менува Уставот без реципроцитет и влез во ЕУ?

Дел македонски академици се против тоа во Уставот да се вметне етничка заедница Бугари, како што бара официјална Софија во разговорите со Македонија, а што вчера од шефот на дипломатијата Бујар Османи беше оценето како нешто што не е спротивно на нашите интереси. Особено, вакво нешто не е прифалитво без да постои некаков реципроцитет, вели академик Ќулафкова.

По повод денот на Македонската академија на науките и уметностите, претседателот Коцарев пак, се придружи на поранешните претседатели Црвенковски и Иванов, но и актуелниот Пендаровски за национално обединување.

Тој вели потребен е нов, национален, документ за развој на државата кој ќе биде поддржан со сите страни, но се сомнева дека тој ќе пропадне поради политичарите чии интереси, како што вели, често не биле државнички.

Лани во ноември МАНУ објави официјален документ „Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ” во кој всушност академиците се изјаснија за геостратешките цели на државата. Тие застанаа зад влезот во ЕУ, но како што напишаа само под услов да не се негира и да се зачува идентитетот и државотворноста на македонскиот народ.