Свет
17. February 2025 - 8:35

Трамп сака да постигне мир во Украина до Велигден

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп настојува да постигне договор за прекин на огнот во Украина до Велигден, што е на 20 април оваа година, јави Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.

-Администрацијата на Трамп им кажа на европските претставници дека сака да обезбеди прекин на огнот во Украина до Велигден, објави Блумберг, цитирајќи официјални претставници.

Сепак, некои официјални лица изразија сомневање за изводливоста на таа цел, истакнувајќи дека темпото на преговорите – кои треба да започнат оваа недела во Саудиска Арабија со учество на високи американски и руски претставници - е амбициозно и потенцијално нереално.

-Многу е поверојатно дека решението би можело да се постигне до крајот на оваа година, се вели во извештајот, цитирајќи дополнителен извор.

Во меѓувреме, Белата куќа не го коментираше ова прашање.

Трамп ги започна своите мировни напори минатата недела со телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Последователно, европските претставници беа изненадени кога новиот американски секретар за одбрана изјави дека европските земји ќе бидат одговорни за обезбедување на безбедносни гаранции и мировни сили во Украина по постигнатиот договор.