Loading Video...
Спорт плус
13. March 2020 - 16:03

Тотален „карантин„ на спортот во целиот свет

- Очекувано, откажан стартот на новата сезона во Формула 1 
- 30 дневен прекин на НБА Лигата 
- УЕФА пресече: Откажани сите натпревари во европските купови 
 
Проблемите со Корона вирусот продолжуваат во спортот. По неколкуте потврди за заразени спортисти, и прекинот на натпреварите во националните првенства и меѓународни натпреварувања, официјално пролонгиран и стартот на Формула 1 сезоната, како и натпреварите во европските фудбалски купови 
 
Иако викендов требаше да стартува новата сезона во Формула 1, тоа нема да се случи. Откако од тимот на Мекларен вчера потврдија дека имаат член на екипата кој е заразен од „Корона“ вирусот и дека го откажуваат своето учество на австралиското Гранд-при, денеска раководството на Ф1 реши да ја откаже трката во Австралија. 
 
„ Формула 1 и ФИА свикаа состанок со останатите девет тима на гол најголемиот број сметаа дека трката не треба да се одржи. Поддршка за одлуката добивме и од организаторот, па трката за ГН на Австралија се откажува“, пишува во соопштението на Формула 1.
 
Ден по одлуката да се прекине НБА шампионатот, комесарот на лигата Адам Силвер пресече, нема да се игра кошарка во најквалитетната светска лига во наредните 30 дена. Тој потенцира дека, е прерано да се претпоставува дека сезоната е загубена, додавајќи дека и дури да не се игра 90-тина дена, шампионатот ќе се заврши, а финалето би играло на крај на јуни или почеток на јули.
Ниту Европската Фудбалска Федерација, повеќе не е имуна на „Ковид-19“. 
 
Карантинот во кој се наоѓаат фудбалерите на Реал Мадрид и Јувентус, беше причината поради која УЕФА вчера реши да ги одложи двата реванш четвртфинални натпревари меѓу Манчестер Сити и Реал Мадрид односно Јувентус – Лион, кои требаше да се играат во вторник. 
 
Забраната за летови од Италија која беше воведена од властите во Шпанија, а поради која вчера беа одложени два меча од Лига Европа, Севиља – Рома и Интер – Генафе, како и потврдата дека фудбалерот на Челзи, Калум Ходсон Одои, е заразен со вирусот, едноставно го принуди раководството на УЕФА да ги откаже сите натпревари во двата европски купа закажани за следната седмица.
 
Така нема да се играат реванш осминафиналните дуели во Лига Европа, како и возвратните средби од Лигата на шампионите по кои требаше да се пополнат последните четири места за четвртфиналето. 
 
За во вторник од УЕФА најавија видео конференциски состанок со претставници на клубовите, по што ќе се решава за следните чекори. 
 
Засега од „куќата на европскиот фудбал“ нема официјален став околу плејоф дуелите за Европското првенство, во треба да настапи и македонската репрезентација, која според календарот на 26 март во Скопје треба да се игра против Косово, а евентуално потоа во финалето закажано за 31 март со победникот од дуелот Грузија – Белорусија.